09 август 2026
• од Темелко Тошев
Демократската унија за интеграција (ДУИ) упати остра критика до Владата поради, како што велат, грубото непочитување на Законот за употреба на јазиците, посочувајќи дека записниците од дури 83 владини седници не се објавени на албански јазик.
Според партијата, оваа практика на игнорирање на албанскиот јазик трае речиси една година. Последниот објавен записник на албански јазик на официјалната веб-страница на Владата датира од 19 септември 2025 година.
„Станува збор за официјална документација на највисокиот орган на извршната власт и за период од 11 месеци. Толкав број необјавени документи бара целосно објаснување за начинот на кој во самата Владата се спроведува Законот за употреба на јазиците“, се нагласува во партиското соопштение на ДУИ.
Од опозициската партија потсетуваат дека ова прашање веќе било актуелизирано во јавноста, при што претставници на коалицијата „Вреди“ (Влен) тврделе дека записниците се редовно достапни и на албански јазик. ДУИ категорично го осудува ваквото непочитување на законските обврски и бара итна институционална одговорност.
„Бараме Владата јавно да ги соопшти причините поради кои овие записници не се објавени, да утврди кој е одговорен за оваа состојба и веднаш да ја објави целата документација што недостасува на албански јазик“, децидни се од ДУИ, потсетувајќи дека Законот предвидува строги санкции за негово непочитување.
Во својата реакција, ДУИ не го штедеше ниту Инспекторатот за употреба на јазиците, како и своите политички опоненти. Тие обвинија дека Инспекторатот, кој требаше да биде главен механизам за заштита на албанскиот јазик, е доведен во состојба на целосна немоќ и деградација од страна на коалицијата која тие иронично ја нарекуваат „Невреди“.
„Надлежните институции треба да утврдат дали во овој случај постојат услови за одговорност и да постапат согласно законот. Да го повикаме Инспекторатот за употреба на јазиците да постапи, за жал, веќе речиси и да не вреди“, заклучуваат од ДУИ.
Зголемена будност: Во Македонија потврдени 13 случаи на Западнонилска треска
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

