24 септември 2026
• од Гоце Кически
Бугарската претседателка Илијана Јотова од говорницата на Генералното собрание на Обединетите нации повика Црното Море да се претвори од зона со зголемен ризик во простор на национална и меѓународна безбедност. Таа порача и дека Европа мора активно да учествува во идните разговори за безбедносната архитектура по завршувањето на војната во Украина.
Во обраќањето пред осумдесет и првото Генерално собрание на ОН, Јотова оцени дека последиците од војната во Украина одамна ги надминале границите на самото боиште. Според неа, состојбата во Црното Море веќе не е само регионално, туку и глобално безбедносно прашање.
Бугарија подготвува иницијатива со земјите од регионот и другите заинтересирани страни за обезбедување слободна и безбедна пловидба во Црното Море. Јотова повика регионот да стане простор за безбеден транспорт, енергетски, трговски и дигитални коридори, како и за мирна соработка меѓу различни држави и општества.
Говорејќи за Украина, бугарската претседателка повика на засилување на политичките и дипломатските напори за постигнување мир. Таа нагласи дека преговорите бараат дијалог, доверба и соодветни безбедносни гаранции, а Европа не треба да биде само набљудувач во процесот.
Јотова се осврна и на кризите на Блискиот Исток. Таа ја повтори поддршката на Бугарија за решение со две држави, Израел и Палестина, го осуди тероризмот на Хамас и порача дека организацијата не треба да има улога во идното управување со Газа.
Во поширокиот дел од говорот, Јотова се заложи за посилни Обединети нации, почитување на меѓународното право, заштита на човековите права и реформа на Советот за безбедност. Таа порача дека меѓународната соработка треба да води кон конкретни решенија и спречување на идни конфликти.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

