03 октомври 2026
• од Гоце Кически
Бугарска владина делегација денеска патува во Солун, каде што на официјална церемонија Грција ќе ѝ ги предаде на Бугарија посмртните останки на цар Самоил. Со делегацијата патува и екипа на Бугарската национална телевизија, објави БНТ.
Во Солун треба да пристигнат бугарскиот премиер Румен Радев, министерот за култура Ефтин Милошев и припадници на бугарската гарда. Останките потоа ќе бидат пренесени во Софија со воен транспортен авион „Спартан“.
Церемонијата во Музејот на византиската култура во Солун е предвидено да започне со обраќања на Радев и на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис. Потоа министрите за култура треба да потпишат документ за примопредавање. Основниот договор меѓу Бугарија и Грција веќе е постигнат.
БНТ најави дека за време на церемонијата останките на цар Самоил првпат ќе бидат јавно изложени пред нивното предавање. Ќе бидат прикажани и религиозните и историските предмети што Бугарија, согласно договорот со Грција, ги предава на грчката страна.
„Ќе поминат многу денови пред сите Бугари да го оценат значењето на овој историски момент“, изјави новинарот на БНТ Бојко Василев, кој патува со делегацијата.
БНТ и бугарските власти го претставуваат Самоил како средновековен бугарски владетел. Бугарската влада соопшти дека заедно со неговите останки ќе бидат предадени и останки пронајдени во уште два саркофази во базиликата на островот Свети Ахил, за кои се смета дека се поврзани со Гаврил Радомир и со други членови на царското семејство.
По пристигнувањето во Софија, останките на цар Самоил ќе бидат пречекани со државна церемонија, а потоа ќе бидат положени во специјален саркофаг во црквата „Света Софија“.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

