03 јули 2026
• од Темелко Тошев
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР започна постапка за утврдување на одговорноста на полициските службеници кои биле на смена во Полициската станица Лисиче, откако во јавноста се појавија тврдења дека пријавител на случајот бил одбиен со образложение дека „девојчето мора самото да пријави“.
Случајот со врсничкото насилство во населбата Аеродром, на кој цела македонска јавност беше згрозена, доби нова димензија. Истрагата сега не се фокусира само на сторителите на бруталниот чин, каде девојче беше кубено за коса, удирано со шлаканици и понижувано додека беше терано да коленичи пред десетина навивачки настроени момчиња, туку и на евентуалната професионална небрежност на оние кои требало да го заштитат.
„Слободен печат“ дојде до сериозни информации дека видеоснимката од овој грозоморен чин била донесена во ПС Лисиче уште пред случајот да стане вирален на социјалните мрежи. Наш извор, кој ја поседувал снимката, тврди дека претходната вечер лично ја однел во станицата.
Според неговото сведочење, откако полицајците на смена го изгледале видеото – на кое јасно се гледаат ликовите на сите присутни и се слуша името и презимето на насилничката – тие одбиле да преземат дејствија.
„Ми рекоа дека јас не сум сведок на настанот и дека девојчето самото треба да дојде и да пријави“, вели изворот за „Слободен печат“.
Тој тврди дека воопшто не бил легитимиран, ниту бил направен каков било записник, иако станува збор за кривично дело кое се гони по службена должност. Дополнително, на снимката јасно се слуша како жртвата е уценувана и присилувана од страна на насилничката да каже дека нема да го пријави инцидентот во полиција, што ја прави нејзината претпоставена „незаинтересираност“ за пријава уште поиндикативна.
По нашиот упит до Министерството за внатрешни работи, оттаму потврдија дека се проверува дали полициските службеници ја пропуштиле својата должност.
„Ве информираме дека од страна на надлежните служби се преземаат сите неопходни проверки и активности со цел да се утврди дали од страна на полициските службеници биле преземени соодветни мерки и постапки согласно нивните законски надлежности“, кусо одговорија од МВР за „Слободен печат“.
Полицијата почна активно да постапува дури на 1 јули, откако снимката беше испратена до медиумите, беше објавена и предизвика лавина од реакции во јавноста. Останува прашањето: дали овој случај ќе беше спречен или расчистен во зародиш доколку полицијата постапеше професионално уште при првиот обид за пријавување?
„Слободен печат“ ќе ја следи постапката на Внатрешната контрола и ќе ја информира јавноста дали ќе има одговорност за евентуалното затајување на институцијата која треба да биде првиот бедем во заштитата на граѓаните.
Му дал 91.000 денари за реновирање на бањата, останал и без мајстор и без пари
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

