21 септември 2026
• од Гоце Кически
Со сослушување на тројца сведоци продолжи судењето против 13 полицајци и нивни надредени за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. На рочиштето присуствуваа и родители на загинатите.
Меѓу сведоците беше и Николче Ефремов, кој го преживеал пожарот. Тој раскажа дека со двајца другари бил во близина на бината кога избувнал пожарот и дека настанала паника додека посетителите се обидувале да излезат.
Ефремов сведочеше дека врз него паднал дел од ѕид и дека бил затрупан со луѓе, но успеал да се извлече. Потоа се вратил во објектот за да им помогне на други повредени.
Според неговото сведочење, во тоалетот го пронашол својот другар Давид Костов, кој бил затрупан и едвај дишел. Ефремов тврди дека побарал помош од полицаец во униформа, но добил одговор дека тоа „не е негова работа“.
Тој кажа и дека пред пожарот видел полицаец во цивил и дека подоцна дознал оти во објектот се вршела полициска контрола за дрога за време на концертот.
Обвинителството тврди дека обвинетите полицајци не презеле мерки за да го спречат користењето пиротехника на сцената, иако во тој момент вршеле контрола во објектот. Според обвинението, пиротехниката не била пријавена во полициската станица, а нејзиното активирање го предизвикало пожарот.
Тринаесеттемина обвинети се товарат за „тешки дела против општата сигурност“. Обвинителството наведува дека тие не постапиле според прописите за заштита и управување со ризик при полициската контрола во „Пулс“.
Обвинението го застапува обвинителката Спасенка Андонова од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Бугарски вселенски успех: ЕндуроСат стана компанија вредна над милијарда долари
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

