17 јули 2026
• од Темелко Тошев
Истече рокот за усвојување на Изборниот законик во Собранието, кој беше дел од обврските од Реформската агенда, а како последица на тоа, Македонија изгуби 4,2 милиони евра средства од Европската Унија. Во изминатиот период партиите не успеаја да најдат консензус за ова прашање, а најголемите полемики се водеа околу тоа дали треба да се овозможи гласање на дијаспората.
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека СДСМ, Левица и ДУИ се главните виновници зошто не е донесен Изборниот законик.
„Стравот од пораз на изборите, кој е повеќе од евидентен, придонесе овие три политички партии да се здружат и да блокираат еден од најважните закони. Иако, како никогаш досега, имаше простор за консензус и разбирање од страна на Владата, тие избраа опструкции. Иако имаа владејачка партија која им порача: договорете се за што сакате и токму тоа ќе биде прифатено, тие го одбија тоа“, изјави Валентин Манасиевски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Изборниот законик бара широк политички консензус меѓу сите парламентарни субјекти во земјава, велат од коалицијата ВРЕДИ, додавајќи дека тие цело време биле подготвени за дијалог со опозицијата.
„Едно од барањата што ги поднесовме се однесува на вклучување на дијаспората во гласањето на следните избори. Мислам дека тоа е едно од нашите главни барања и ќе продолжиме да инсистираме на него. На нашиот став му се придружи и нашиот коалициски партнер, што значи дека сме многу заинтересирани да ѝ овозможиме на дијаспората да гласа во татковината на следните избори“, рече Дритон Сулејмани од ВРЕДИ.
Од СДСМ реагираат дека фактот што Македонија изгуби 4,2 милиони евра не е ништо во споредба со она што државата го губи поради блокирањето на европскиот пат од страна на Владата.
„Не се губат 4 милиони евра поради Изборниот законик. Се губат милијарди евра, се губи стратешката цел, се губи иднината поради блокираниот европски пат. Политиката на Мицкоски ја држи земјата во изолација и им ускратува на граѓаните милијарди евра европски фондови. ВМРО-ДПМНЕ намерно го истурка Изборниот законик со спорни одредби за изборен инженеринг преку гласовите на дијаспората, за да се создаде впечаток дека опозицијата го блокира европскиот пат“, истакна Кети Штерјова од СДСМ.
Од Левица тврдат дека не се изгубени 4 милиони евра, туку дека, напротив, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ си обезбедиле 10 милиони евра за политичка пропаганда.
„Со истекот на рокот за усвојување на новиот Изборен законик, власта уште еднаш се обидува да ја убеди јавноста дека Македонија изгубила околу 4 милиони евра европски фондови поради Левица. Но, целосно се премолчува една многу поважна последица. Со останувањето во сила на актуелниот Изборен законик, останува и системот за платено политичко рекламирање, преку кој најголемите политички партии ќе поделат околу 10 милиони евра народни пари“, порачуваат од Левица.
За потсетување: Изборниот законик беше десеттата обврска која Македонија требаше да ја исполни во рамките на Реформската агенда. Со неговото недонесување, државата трајно ги изгуби 4,2 милиони евра од фондовите предвидени во Планот за раст на Европската Унија.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

