27 мај 2026
• од Темелко Тошев
Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски во своето најново гостување на „Телевизија 24“ упати остри критики за македонската политика и, како што тој смета, очигледните двојни стандарди во односите на државата кон соседите Србија и Бугарија.
Двојни аршини за историјата
Георгиевски јавно праша врз основа на кој меѓудржавен договор се прославуваат настани поврзани со српското минато во Македонија, нарекувајќи го тој период „српска окупација“. Тој иронично предложи истиот принцип да се примени и за отворените прашања со источниот сосед.
„До ден денеска јас десет пати прашувам со кој договор меѓу Македонија и Србија ние ја прославуваме српската окупација на Македонија? Истиот тој договор да го дадеме на Бугарија и да го завршиме проблемот“, изјави Георгиевски.
Тој ја обвини политичката сцена за лицемерие, посочувајќи дека не може да се демонстрира лажна принципиелност кон Бугарија, додека кон Србија се прават отстапки кои се премолчуваат. „Не може вие да кажувате колку сте цврсти према Бугарија, а од друга страна десетпати поголеми предавства да правите према Србија и да се правите како ништо да не се случува“, потенцираше тој.
Законот за двојни државјанства ќе ги разоткрие функционерите со српски пасоши
Осврнувајќи се на актуелниот предлог-закон во Собранието со кој би се забранило пратениците да поседуваат двојно државјанство, Георгиевски се согласи со констатациите во јавноста дека станува збор за политички маркетинг со скриена агенда.
Иако е очигледно дека предлогот примарно алудира на носителите на бугарски државјанства, Георгиевски смета дека тој чекор ќе отвори една друга, досега негибната тема.
„Очигледно се алудира на бугарските државјанства, меѓутоа тука ќе бидат загрозени и некои со српски државјанства. Ние знаеме дека има функционери со српски државјанства, а тоа никој не го експлоатира“, заклучи Георгиевски, сугерирајќи дека јавноста наменски го игнорира фактот оти во институциите седат и функционери со пасоши од северниот сосед.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

