26 мај 2026
• од Темелко Тошев
Грчкиот весник „Катимерини“ во својата најнова анализа предупредува на загрижувачки тренд во Северна Македонија – старите етнички поделби повторно излегуваат на површина, создавајќи тензии речиси четвртина век по вооружениот конфликт во 2001 година.
Иако поминаа повеќе од две децении од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, според грчкиот весник, етничката недоверба во државата никогаш целосно не исчезнала, а неодамнешните настани се доказ за кревкоста на внатрешните односи.
Авторот на анализата, Ставрос Цимас, прави директна паралела меѓу актуелните случувања и настаните кои ѝ претходеа на кризата. Тој потсетува дека во пролетта 2001 година, за првпат јавно се слушнале слогани за поддршка на Ослободителната национална армија (ОНА).
Тогаш, за време на масовен собир на Албанците во Тетово, организиран како поддршка за функционирањето на тогаш нелегалниот универзитет на албански јазик, демонстрантите гласно побарале рамноправен статус на Албанците во државните институции.
„Додека плоштадот одекнуваше од слогани, од падините на Шар Планина веќе се слушаа истрели“, наведува „Катимерини“, додавајќи дека вооружените групи поврзани со ОНА тогаш веќе биле формирани во планинските области над Тетово, по моделот на Косово, со цел преку вооружен отпор да обезбедат поголеми права.
Тие настани ескалираа во жестоки судири кои завршија дури по интервенцијата на меѓународната заедница и потпишувањето на мировниот договор во септември 2001 година.
Според весникот, неодамнешните протести во центарот на Скопје повторно ги отвориле болните спомени. Причина за собирот беа барањата на дипломираните правници Албанци правосудниот испит да можат да го полагаат на албански јазик. Но, за време на протестот повторно се слушнале извици и слогани во чест на ОНА.
Она што дополнително го привлекува вниманието, посочува „Катимерини“, е фактот што на протестот присуствувале стотици учесници кои пристигнале организирано, со автобуси од Тирана и Косово. Ваквиот развој на настаните му дал на собирот поширока паналбанска димензија.
Ваквиот развој на настаните не поминал незабележано надвор од границите на државата. „Настаните предизвикаа внимание и загриженост во балканските престолнини, во Брисел, како и кај регионалните аналитичари“, нагласува авторот.
Во прилог на оваа теза, весникот го цитира македонскиот новинар и аналитичар Александар Србиновски, кој во изјава за „Време“ истакнува: „Ова веќе не е само внатрешно студентско прашање, туку координиран политички притисок што ги надминува границите.“
На крајот од анализата, „Катимерини“ заклучува дека историската поделба меѓу Македонците и Албанците со децении претставува клучен фактор на нестабилност во Северна Македонија.
Според весникот, актуелниот политички амбиент – одбележан со подемот на ВМРО-ДПМНЕ, преиспитувањето на меѓународните договори со Бугарија и Грција, како и односот кон внатрешните договори со албанската заедница – создава потенцијално нестабилна атмосфера која би можела да има пошироки и посериозни регионални последици.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

