04 јули 2026
• од Темелко Тошев
Водителката на емисијата „Низ град со Кики“, Кики Мукаетова, јавно проговори за својата најголема животна траума, испраќајќи силна и емотивна порака до јавноста. Поттикната од неодамнешниот вознемирувачки случај на врсничко насилство во скопската населба Аеродром, таа преку социјалните мрежи сподели лично сведоштво кое никого не остава рамнодушен.
Мукаетова отворено раскажа за пеколот низ кој поминала како дете, откривајќи дека била жртва на брутално насилство од своите врсници. Физичките повреди заздравеле, но психолошките лузни останале.
„Два пати пукнат нос, скршена рака, тон трауми. Долги години работа со психолог и пак имам морници. И денес, на 18 години, уште го паметам стравот со кој одев во школо. Имав само 10 години, а секое седнување во клупа ми беше хорор“, искрено напиша Мукаетова.
Насилството не застанало само кај неа, туку, како што вели таа, оставило длабоки последици и врз нејзиното потесно семејство, кое исто така било цел на малтретирање.
Како млада личност која на своја кожа ја почувствувала суровоста на врсничкото насилство, Мукаетова остро го осуди денешниот морбиден тренд каде ваквите чинови се снимаат со мобилни телефони и се споделуваат на интернет, додека толпата навива.
„До кога ќе гледаме деца како тепаат, понижуваат, а сега и снимаат? Колку треба да си несреќен за да направиш вакво нешто? Вие што хушкате од страна додека едно дете е тепано и понижувано, дали навистина мислите дека сте јаки?“ – прашува таа, директно обраќајќи им се на оние кои се соучесници во насилството преку своето молчење или поттикнување.
На крајот од својата објава, водителката испрати јасен и гласен апел до институциите и до општеството во целост, барајќи итна одговорност и системски решенија за овој горлив проблем кој уништува детски животи.
„Очајно ни треба одговорност. Најстроги казни – и за децата што вршат насилство и за родителите кога ја занемаруваат својата одговорност. Како општество, некако многу забораваме. Но децата што го преживеале овој хорор не забораваат никогаш“, порачува водителката.
Оваа исповед доаѓа во момент кога македонската јавност е згрозена од зачестените случаи на булинг, потсетувајќи нè дека зад секоја статистика и секое видео стои реално дете кое живее во страв и траума.
Му дал 91.000 денари за реновирање на бањата, останал и без мајстор и без пари
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

