23 август 2026
• од Темелко Тошев
Повеќе од половина од сообраќајните прекршоци кои се регистрирани преку системот „Безбеден град“ од воведувањето на камерите на патиштата, се направени од возила со странски регистарски ознаки, покажуваат најновите податоци на Министерството за внатрешни работи (МВР).
Според официјалната статистика, во периодот од 2 февруари до 20 август 2026 година, системот „Безбеден град“ евидентирал вкупно 310.865 прекршоци низ државата. Она што особено паѓа во очи е фактот дека дури 180.378 од нив се направени од возачи на возила со странски таблички, што претставува околу 58 отсто од вкупниот број на регистрирани прекршоци.
Како што соопштуваат од МВР, апсолутен рекордер меѓу прекршоците е брзото возење. Дури 301.835 од вкупниот број казни се однесуваат токму на управување возило со брзина поголема од дозволената.
Дека камерите ги „ловат“ недисциплинираните странски возачи со полна пареа покажува и податокот дека само во еден ден, односно во периодот од 19 август до 20 август, биле регистрирани 5.514 прекршоци направени од возила со странски регистарски ознаки.
Гужви на границите за наплата на казните
Од пред неколку дена, системот „Безбеден град“ почна ефикасно да ги процесира и наплаќа казните за странските возачи кои транзитираат низ Македонија. Оваа новина веќе ги дава првите резултати на терен, но предизвика и нервоза и незадоволство кај возачите. На граничниот премин Табановце се создадоа гужви каде стотина возачи чекаа во редици за да ги платат казните пред да ја напуштат државата.
Овие бројки се јасен показател дека камерите на „Безбеден град“ се клучна алатка за санкционирање на сообраќајните прекршоци, без разлика дали зад воланот се домашни или странски државјани. Останува да се види дали ригорозните казни ќе ја намалат непримерната брзина по македонските патишта во иднина.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

