01 септември 2026
• од Темелко Тошев
Бугарија е целосно подготвена да ја продлабочи соработката со Романија со цел да се обезбеди побезбедно Црно Море, подобра инфраструктурна поврзаност во регионот и поотпорна Европа. Ова го истакна бугарската министерка за надворешни работи, Велислава Петрова, во своето видеообраќање на годишната средба на романската дипломатија која се одржа во Букурешт, пренесува БТА.
„Црното Море прерасна во регион од клучно стратешко значење за безбедноста на нашиот континент, а во тој контекст Бугарија и Романија имаат посебна и значајна улога“, нагласи Петрова. Таа ја потенцираше важноста на заедничката соработка во областа на поморската безбедност, справувањето со хибридните закани и градењето на регионална отпорност.
Како еден од најважните заеднички проекти министерката го посочи Центарот за поморска безбедност во Црното Море. Таа потенцираше дека за успешно функционирање на овој Центар е неопходна силна европска поддршка, како и одржливо и континуирано финансирање.
Во своето обраќање, Петрова се осврна и на клучните инфраструктурни и енергетски проекти, истакнувајќи ги новите мостови на реката Дунав, модернизацијата на железничките мрежи, унапредувањето на транспортните врски и Вертикалниот гасен коридор. Според неа, овие проекти претставуваат „стратешки инвестиции во безбедноста, конкурентноста и економската отпорност на цела Европа“.
На крајот, таа порача дека Бугарија и Романија не се само соседи, туку стратешки партнери и блиски сојузници во НАТО и ЕУ, чија безбедност, просперитет и целокупна европска иднина се нераскинливо поврзани.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

