01 септември 2026
• од Темелко Тошев
Судскиот процес против Ива Михаилова, која поседува македонско и бугарско државјанство, ќе продолжи на 28 септември. На последното рочиште, кое траеше повеќе од седум часа во Основниот суд во Кочани, беше сослушан последниот сведок на сообраќајната несреќа од октомври 2025 година, како и првиот од вкупно тројцата вештаци.
Според исказот на полицаецот кој во моментот на несреќата вршел сообраќајна контрола, тој не го видел директниот судир помеѓу двете возила, туку само го слушнал ударот. Тој исто така посочил дека полициската контрола на запреното возило не го попречувала движењето на останатите автомобили.
Вештакот Зоран Јошевски, кој е автор на едно од трите вештачења, пред судот изјави дека според неговите наоди, Михаилова навлегла околу 90 сантиметри во спротивната коловозна лента и дека нема траги кои укажуваат дека другото возило навлегло во нејзината лента. Сепак, неговото сослушување беше прекинато бидејќи одбраната на Михаилова побара дополнително време за детално разгледување на вештачењето. Постапката ќе продолжи на 28 септември, кога е предвидено сослушување и на двајцата вештаци предложени од одбраната.
По завршувањето на рочиштето, Михаилова изјави дека обвинителството нема да ѝ дозволи лекување во странство доколку нејзината состојба не е животозагрозувачка. Нејзините лични документи се одземени по несреќата, што ја оневозможува да замине на лекување во Бугарија. На 20 август, Апелациониот суд во Штип ја потврди одлуката на кочанскиот суд за одбивање на нејзиното барање за лекување во странство, и покрај приложената медицинска документација.
Сообраќајната несреќа се случи во октомври 2025 година, при што едно лице го загуби животот, а повеќемина, меѓу кои и самата Михаилова, беа повредени.
Судењето предизвика интерес и во соседна Бугарија, па на рочиштето во Кочани присуствуваа бугарски пратеници од партиите ГЕРБ, „Демократска Бугарија“, „Прогресивна Бугарија“ и „Преродба“, кои го следеа текот на постапката.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

