04 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Државниот завод за ревизија (ДЗР) објави сериозно критички извештај за работењето на Министерството за односи меѓу заедниците за 2024 година, институција која претходно беше под раководство на Артан Груби. Ревизијата откри низа неправилности, недостиг на опрема, сомнителни исплати и слабости во управувањето со буџетските средства.
Ревизорите дале неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи, како и за усогласеноста со законската регулатива. Според извештајот, утврдени се сериозни пропусти во начинот на евидентирање и користење на средствата со кои располага Министерството.
Една од најалармантните констатации на ревизијата е дека при годишниот попис не биле пронајдени значителен дел од основните средства. Дури 28 проценти од основните средства, со вредност од околу 25.360 евра, не биле евидентирани при пописот.
Дополнително, 30 преносни компјутери исчезнале од евиденцијата, што ревизорите го поврзуваат со фактот дека во Министерството не постоела пракса на издавање реверси за опремата која им се доделува на вработените.
Покрај тоа, за седум службени возила воопшто не била водена сметководствена и материјална евиденција, што дополнително ја доведува во прашање контролата врз државниот имот.
Ревизијата открива и сериозни проблеми со исплатата на плати. Во Министерството биле исплатени 165 милиони денари за плати и надоместоци на 244 вработени, но за 150 од нив немало доказ дека редовно доаѓаат на работа.
Иако постои електронски систем за евиденција на работното време, платите биле исплаќани без проверка на присуството на работа или исполнување на полно работно време, што отвора сериозни прашања за начинот на управување со човечките ресурси.
Дополнителни слабости се утврдени и во распределбата на средства за здруженија и фондации. Во 2023 година Министерството исплатило 19,8 милиони денари (околу 320.900 евра) на 33 организации.
Сепак, ревизијата покажала дека повеќе од половина од нив – 17 организации – треба да вратат дел од средствата, бидејќи не доставиле докази како ги потрошиле парите. До моментот на ревизијата само дел од средствата биле вратени, додека за некои организации се водат постапки за медијација или судски спорови.
Дополнително, документацијата во дел од апликациите била доставена само на албански јазик без превод на македонски, што е спротивно на Законот за употреба на македонскиот јазик.
Ревизорите откриле и проблематични јавни набавки. Министерството исплатило 516 илјади денари за гориво, но без да се врши контрола на регистарските таблички на возилата. Тоа овозможило гориво да се точи и во возила кои не се во сопственост на Министерството.
Дополнително, во една постапка биле прифатени понуди со невообичаено ниски цени, како што е сервисирање возила по цена од 0,01 денар за работен час, без комисијата да побара дополнително објаснување. Во некои случаи биле фактурирани резервни делови со цени неколкукратно повисоки од понудените.
Според ревизијата, Министерството има систематизација за 2.556 работни места, но заклучно со крајот на 2024 година биле пополнети само 244 позиции, односно околу 10 проценти.
Ревизорите оценуваат дека ваквата состојба ја искривува реалната слика за потребните кадровски капацитети и укажува на долготрајни проблеми во организацијата на институцијата.
ДЗР заклучува дека во Министерството постојат сериозни системски слабости во финансиското управување, контролата на имотот и спроведувањето на јавните набавки. Дел од неправилностите, според ревизорите, се предмет и на постапување од страна на други надлежни институции.
Извештајот отвора низа прашања за начинот на кој се управувало со државните средства во периодот кога институцијата беше под раководство на Артан Груби.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

