05 март 2026
• од Тодор Вангелов
СДСМ денеска обвини за сериозни пропусти во постапувањето на МВР во врска со трагедијата во скопската населба Карпош, во која животот го загубија мајка и дете. Од партијата побараа одговорност од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и оценија дека институциите не реагирале навреме и покрај бројните пријави за семејно насилство.
На прес-конференција, членката на Извршниот одбор на СДСМ, Симона Цветановски, изјави дека во период од две години биле поднесени вкупно 12 пријави против сторителот за семејно, физичко и психичко насилство.
„МВР било алармирано, постоеле пријави, имало сознанија и индиции за сериозен ризик. Но со несоодветна и ненавремена реакција не ги заштитиле жртвите“, изјави Цветановски.
Според СДСМ, дополнително загрижува фактот што сторителот имал и други обвиненија и кривични пријави, а во последниот случај кај него била пронајдена и дрога.
Од партијата потсетуваат дека со измените на Кривичниот законик, насилството врз жените и семејното насилство се гонат по службена должност, дури и во случај кога пријавата е повлечена. Тоа, според нив, значи дека полицијата имала законска обврска да постапи.
„Не само кога има телесни повреди, туку и кога со насилството се нарушува здравјето и безбедноста на жртвата. Значи полицијата морала да постапи“, рече Цветановски.
Таа додаде дека МВР има обврска да постапува и согласно Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство и оцени дека трагедијата можела да биде избегната доколку институциите реагирале навреме.
СДСМ во својата реакција потсети и на други случаи за кои смета дека укажуваат на системски пропусти во работата на полицијата.
Како пример беше посочено убиството во Велес пред неколку месеци, кога млада жена и нејзиниот татко беа убиени, иако претходно, според партијата, биле пријавувани случаи на насилство.
Дополнително, СДСМ го спомена и случајот со серискиот убиец во Старо Нагоричане, при што, како што наведуваат, жртвите биле третирани како „природна смрт“, без обдукција и без истрага.
„МВР две години ги игнорирало пријавите на жителите дека сторителот се прикрадува во дворови и демне“, изјави Цветановски, додавајќи дека истрага за убиства била отворена дури по барање на обвинителството за ексхумација.
Од СДСМ оценуваат дека ваквите случаи укажуваат на сериозни пропусти во работата на МВР, за кои, според нив, одговорноста е кај раководството на институцијата.
„Проблемот почнува од врвот. Додека други молчат – СДСМ нема да молчи“, порача Цветановски, повикувајќи на оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

