17 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Православната Црква денес го чествува споменот на Преподобен Герасим, еден од најзначајните подвижници од ранохристијанскиот период, чиј живот останува силен пример за монашки подвиг, духовна дисциплина и длабока вера.
Преподобен Герасим својот духовен пат го започнал во Тиваида, Египет, каде што се обучувал во строг подвижнички живот. Подоцна се преселил покрај реката Јордан, каде што основал манастирска обител во која живееле околу седумдесет монаси. Овој манастир, кој постои и денес, станал познат по својот строг, но праведен типик што го воспоставил самиот Герасим.
Според манастирските правила, монасите пет дена во неделата живееле повлечено во своите келии, занимавајќи се со рачна работа – најчесто плетење кошници и рогозини. Животот бил исклучително скромен: не палеле оган во келиите, а храната се состоела од малку сув леб и урми. Карактеристично било и тоа што келииите останувале отворени, како знак на потполна несебичност – секој можел да влезе и да земе што му е потребно.
Во сабота и недела монасите се собирале во манастирската црква на заедничка молитва и трпеза. Тогаш јаделе вариво и малку вино, благодарејќи Му на Бога. Во тие денови секој монах го принесувал плодот од својот труд пред игуменот, сведочејќи за послушност и заедништво. Сите живееле со крајна едноставност, имајќи само по една облека.
Самиот Герасим бил пример за сите – особено во време на Великиот пост, кога речиси воопшто не јадел, освен што се причестувал. Неговата духовна сила и љубов се гледаат и во познатата случка со лавот: откако му извадил трн од ногата, ѕверот станал кроток и останал со него во манастирот до крајот на неговиот живот. По смртта на светецот, и лавот угинал, како знак на длабоката врска што ја создале.
Преподобен Герасим учествувал и на Четвртиот Вселенски Собор во Халкидон, во времето на царот Маркијан и царицата Пулхерија. Иако првично бил наклонет кон монофизитската ерес, под влијание на свети Ефтимиј се вратил кон вистинското православно учење и станал негов ревносен поборник.
Меѓу неговите ученици се истакнува свети Киријак Отшелник, кој го продолжил духовното наследство на својот учител.
Преподобен Герасим се упокоил во 457 година, оставајќи зад себе светол пример на вера, подвиг и љубов – не само кон луѓето, туку и кон целото создание. Неговиот живот нè потсетува дека вистинската сила лежи во смирението, а вистинската вера се покажува преку дела.
Украден бакарен лим од покривот на црквата „Свети Великомаченик Ѓорѓи“ во Чаир
Маслото достигна 100 денари – граѓаните алармираат за поскапувања во маркетите
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

