ВО ЖИВО: Погреб на папата Франциско, илјадници луѓе на плоштадот „Свети Петар“
Денеска, на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан, се одржува погребот на папата Франциско. Илјадници верници почнаа да се собираат уште од 6 часот наутро за да му оддадат последна почит и да го испратат во неговото вечно почивалиште.
По три дена положен во базиликата „Свети Петар“, ковчегот на папата беше изнесен на плоштадот, веднаш пред главниот влез на базиликата. Погребната миса се одржува на отворено и започна во 10 часот наутро, траејќи околу час и половина. На церемонијата присуствуваат шефови на држави, високи црковни великодостојници и десетици илјади ожалостени верници од целиот свет.
По завршувањето на мисата, телото на папата Франциско ќе биде префрлено во базиликата „Санта Марија Маџоре“ во Рим, каде што ќе биде погребан.
Овој настан ја обедини светската католичка заедница во молитва и тага за личноста која остави длабока трага во историјата на Црквата.