06 март 2026
• од Гоце Кически
МНР на Бугарија соопшти дека кризен штаб формиран при институцијата организира најголема и најкомплексна операција досега за евакуација на бугарски државјани од повеќе земји во регионот на Блискиот Исток. Операцијата се спроведува преку комбинирање на копнен и воздушен транспорт со цел безбедно и навремено враќање на граѓаните во Бугарија.
Според соопштението, за реализација на операцијата се користат сите достапни механизми, вклучително и Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија. Министерството работи во постојана координација со Министерството за туризам, Министерството за транспорт и врски, како и со кабинетот на премиерот.
Во рамки на евакуацијата, денеска се очекува на аеродромот „Васил Левски“ во Софија да пристигнат два лета со бугарски државјани. Во 17:30 часот треба да слета чартер лет на „Бугарија Ер“ од Салала, Оман, со 111 патници, додека во 18:45 часот се очекува уште еден специјален лет на истата авиокомпанија од Дубаи со 180 бугарски државјани.
Претходно, во раните утрински часови на 5 март, во Бугарија пристигнале уште два евакуациски лета. Во 02:15 часот слетал авион на Државниот авијациски оператор од Абу Даби со 85 лица, а во 03:30 часот пристигнал лет на авиокомпанијата „Гуливер“ од Дубаи со 326 патници.
Министерството информира дека во рамки на европскиот механизам за соработка е обезбеден и евакуациски лет организиран од Австрија на релација Ријад–Виена. На тој лет се резервирани 29 места за бугарски државјани – 16 од Бахреин, 10 од Саудиска Арабија и три од Катар.
Во Јордан, бугарската амбасада помогнала во координација со туристички агенции за околу 130 бугарски граѓани. Во Ирак, во изминатите денови 20 лица биле евакуирани по копнен пат преку границите со Турција или Јордан, а според последните информации во земјата веќе нема бугарски државјани кои треба да бидат евакуирани.
Во Кувајт моментално се наоѓаат осум бугарски туристи, но воздушниот простор и цивилниот аеродром во земјата се затворени. Амбасадата работи на конкретно решение за нивно извлекување.
Во Израел, 14 бугарски државјани кои биле на краткорочен престој биле евакуирани по копнен пат од Тел Авив преку граничниот премин Таба до аеродромот Шарм ел Шеик, со помош на друга земја членка на Европската Унија. Дополнително, двајца бугарски државјани ја напуштиле земјата преку копнен и воздушен транспорт на релација Аман–Прага, исто така со поддршка од друга членка на ЕУ.
Во Иран се наоѓаат вкупно 47 бугарски државјани, како и 14 ирански членови на нивните семејства. Двајца бугарски државјани побарале евакуација, но поради двојно државјанство – бугарско и иранско – моментално не можат да ја напуштат земјата.
Од Министерството информираат дека воздушниот простор на Обединетите Арапски Емирати веќе е повторно отворен и се обновени комерцијалните летови. Тоа им овозможува на туроператорите постепено да организираат враќање на бугарските туристи кои патувале организирано во земјата.
Во Катар, каде што не се очекува повторно отворање на воздушниот простор во следните денови, сè уште има бугарски државјани кои побарале евакуација. Кризисниот штаб разгледува можности за нивно извлекување, вклучително и преку копнен транспорт до Саудиска Арабија.
Министерството за надворешни работи апелира бугарските граѓани кои се погодени од прекинатите летови на аеродромите во регионот, но се наоѓаат надвор од зоните на активни воени дејства, да одржуваат контакт со своите авиокомпании или туроператори за обезбедување алтернативни маршрути за враќање во Бугарија.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

