Велика Британија воведе нов бран санкции против Русија
Владата на Обединетото Кралство објави нова серија од 100 санкции против Русија, насочени кон субјекти што ја поддржуваат руската воена машинерија, извозот на енергија и дезинформациската кампања, како и кон финансиски институции кои го финансираат нападот врз Украина.
Овие санкции беа воведени непосредно по рекордниот напад со дронови врз Киев што се случи за време на викендот, при што Москва, на 17 мај, испрати 273 дрона – најмасовниот напад од почетокот на војната.
Во официјалното соопштение од британското Министерство за надворешни работи се вели:
„Секое ограничување на приходите на Кремљ е директно ограничување на способноста на Путин да предизвикува хаос, поделби и нестабилност низ светот.“
Новите мерки се координирани со 17-тата рунда санкции кои Европската унија ги усвои како дел од заедничките напори за постигнување праведен и траен мир во Украина.
Британската влада истакна дека западните санкции имаат сериозно влијание врз руската економија и дека се разгледуваат нови мерки, вклучително и заострување на ограничувањата за цените на рускиот нафта, со цел да се погодат „критичните нафтени приходи“ на Русија.
Во исто време, дипломатските обиди за прекин на конфликтот продолжуваат. Американскиот претседател Доналд Трамп имаше двочасовен телефонски разговор со рускиот претседател на 19 мај, по кој најави дека Русија и Украина ќе започнат „веднаш“ мировни преговори.
Но, украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази сомнеж во искреноста на руската страна, велејќи дека Москва не покажува вистинска волја за мир. Според него, првите директни разговори меѓу двете страни, одржани на 16 мај во Истанбул, не донеле резултати.
„Русија само се обидува да добие време за да ја продолжи војната и окупацијата“, напиша Зеленски на социјалните мрежи, обвинувајќи го Путин дека испратил „празни фигури“ на преговарачката маса.
Ситуацијата останува тензична, додека меѓународната заедница продолжува со напорите за ставање крај на воениот конфликт.