20 јули 2025
• од Станча Јаќимовски
Американскиот претседател Доналд Трамп продолжува да тврди дека воздушните напади на САД минатиот месец целосно ги уништиле трите клучни ирански нуклеарни објекти, и покрај новите разузнавачки проценки според кои само еден од нив бил сериозно оштетен.
„Сите три нуклеарни објекти во Иран беа целосно уништени и/или ЗАЛИЧЕНИ. Ќе бидат потребни години за повторна експлоатација, а доколку Иран реши да се обиде, подобро би било да започне одново на три различни локации“, напиша Трамп во саботата на неговата платформа Truth Social.
Официјална разузнавачка анализа, објавена во четвртокот, покажува дека иранскиот објект за збогатување уран во Фордо е во голема мера уништен при нападите на 21 јуни. Но, другите два објекти — Натанц и Исфахан — останале во функционална состојба и можат повторно да започнат со активности ако иранските власти тоа го дозволат.
И покрај тоа, Пентагон и Белата куќа ја отфрлија оваа проценка. Главниот портпарол на Министерството за одбрана, Шон Парнел, изјави: „Веродостојноста на лажните медиуми е иста како сегашната состојба на иранските нуклеарни објекти: уништени и ќе бидат потребни години за обнова. Претседателот Трамп беше јасен, и американскиот народ разбира: нуклеарните објекти во Фордо, Исфахан и Натанц се целосно и тотално уништени. Нема сомнение во тоа.“
По американските напади, во медиумите се појавија информации дека штетата врз нуклеарната програма на Иран е ограничена и дека таа ќе биде одложена само за неколку месеци. Претходно, и Израел имаше извршено напади врз ирански нуклеарни објекти, во период кога Вашингтон и Техеран водеа преговори за иранската нуклеарна програма.
На ваквите тврдења, Трамп остро реагираше нарекувајќи ги „лажни вести“, инсистирајќи дека објектите се целосно уништени. Американскиот државен секретар Марко Рубио исто така изјави дека „по американските напади, Иран е значително подалеку од добивање нуклеарно оружје“.
И покрај сите овие изјави, останува нејасно што се случи со околу 408 килограми уран збогатен до 60% – дали тој бил уништен при нападите или евакуиран на тајни локации пред да бидат погодени објектите. Ова прашање и натаму останува отворено, предизвикувајќи сомнежи во веродостојноста на двете страни.
Костова: Народот тоне во сиромаштија, ВМРО-ДПМНЕ со очајни економски резултати