Трамп сака да депортира милион Палестинци во Либија, тврди NBC News
Американскиот претседател Доналд Трамп сè уште не се откажал од идејата за масовно иселување на населението од Појасот Газа. Според извештај на NBC News, неговата администрација продолжува активно да работи на планот за трајно преселување на до еден милион Палестинци во Либија.
Медиумот се повикува на пет извори запознаени со иницијативата, кои тврдат дека планот е сè уште во игра, иако за првпат беше најавен во јануари. Според нив, Белата куќа дури веќе ја започнала комуникацијата со либиските власти, на кои им понудила пристап до замрзнати американски фондови вредни милијарди долари, во замена за прифаќање на палестинските бегалци.
Израелските власти биле информирани за американскиот план, но засега не е постигнато никаково официјално спогодување. Израелски функционери одбиле да го коментираат извештајот. Истото важи и за двата ривалски режима во Либија, кои, поради граѓанската војна, не функционираат координирано.
NBC News посочува дека планот во моментот изгледа речиси невозможен за реализација – не е јасно кој ќе го финансира, ниту каде точно би биле сместени Палестинците во Либија. Поранешен американски функционер изјавил дека локацијата за нивното преселување сè уште не е дефинирана, додека други извори велат дека се разгледуваат различни можности за транспорт – преку воздух, копно и море.
Басем Наим, висок функционер на Хамас, кој фактички ја контролира Газа, изјавил дека организацијата не е информирана за никакви дискусии околу евентуално преселување на населението.
Во јануари, Трамп неочекувано ја претстави својата визија за целосно преселување на жителите на Газа, објаснувајќи дека има намера таа територија да биде „ослободена“ и искористена за американски економски интереси. Тој изјави дека САД ќе се обидат да ја „присвојат“ и пренаменат во туристички и инвестициски центар – „Ривиера на Блискиот Исток“.
„Ќе ја преземеме контролата над тој дел, ќе го развиеме и ќе создадеме илјадници работни места. Тоа ќе биде нешто со кое целиот Блиски Исток ќе се гордее“, рече Трамп.
Според неговите зборови од февруари, изнесени за време на средба со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, „Палестинците не можат повеќе да живеат во Газа“ и мора да се најде „друго место што ќе ги направи среќни“.
Идејата добила поддршка кај некои од неговите најблиски соработници, вклучувајќи го и државниот секретар Марко Рубио, но истовремено наишла на жестоки критики и кај арапските сојузници на САД, како и од американски законодавци од двете партии.