Рим, повторно е центарот на светот: Папата Лео XIV свечено интронизиран во Ватиканот
Лидери од целиот свет повторно се собраа во Рим, вторпат во помалку од еден месец, за да сведочат на спектакуларната церемонија со која Папата Лео XIV беше свечено поставен за нов водач на Католичката црква.
Папата Лео, кој беше избран по смртта на Папата Франциско на Велигденски понеделник, веќе минатата недела го понуди Ватикан како место за можни мировни преговори меѓу Украина и Русија, апелирајќи: „Да се сретнеме, да разговараме, да преговараме.“ И пред официјално да ја преземе функцијата, Рим во неделата повторно стана сцена за неформални билатерални средби, додека плоштадот „Св. Петар“ се претвори во дипломатска и духовна раскрсница.
Американскиот потпретседател Џеј Ди Ванс и украинскиот претседател Володимир Зеленски се ракуваа на церемонијата – сцена што беше во силен контраст со нивниот јавен судир во февруари во Белата куќа.
Зеленски, како што соопшти Светиот Престол, во неделата наутро имаше и приватна аудиенција со Папата Лео. Тој стана првиот светски лидер кој се сретнал со новиот папа. Двајцата веќе претходно разговарале телефонски, а Лео ја има изразено својата поддршка за Украина.
Првиот вистински тест за папската дипломатија на Лео може да се случи уште вечерта, доколку – како што се очекува – оствари средба со Ванс на маргините на церемонијата. Пред изборот, Лео често го критикуваше политиките за масовна депортација на администрацијата на Трамп, и имал јавни судири со Ванс.
Во неделата, Лео за првпат се провози низ плоштадот „Св. Петар“ во белата папамобил, поздравувајќи околу сто илјади верници, туристи, дипломати и кардинали. Поранешниот мисионер и учител, кардинал Роберт Превост, беше избран на конклавата која траеше помалку од 24 часа.
Меѓу присутните беа германскиот канцелар Фридрих Мерц, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, американскиот државен секретар Марко Рубио, канадскиот премиер Марк Карни и италијанската премиерка Џорџа Мелони.
Значајно отсуство беше она на американскиот претседател Доналд Трамп, чииот контроверзен состанок со Зеленски во базиликата „Св. Петар“ минатиот месец го засени дури и погребот на Папата Франциско.
Насобраните верници скандираа „Viva il Papa“ и мавтаа со американски и перуански знамиња, честитајќи му на првиот папа од Соединетите Американски Држави, кој исто така има и перуанско државјанство поради долгогодишната мисионерска служба во Јужна Америка.
Во својата прва проповед, Папата Лео ги нагласи приоритетите на своето папство: помирување, дијалог и свет без конфликти. „Сè уште гледаме премногу неслога, премногу рани од омраза, насилство, предрасуди и страв од различноста“, рече тој. Тој ги повика христијаните да соработуваат со другите религии и сите луѓе со добра волја за „создавање нов свет каде што владее мирот“.
Церемонијата кулминираше со традиционалното давање на два симболични предмета: паллиум – симбол на неговата пастирска улога, и рибарскиот прстен со ликот на Св. Петар кој држи клучеви – симбол на папската власт.
Со овој чин започнува понтификатот на Папата Лео XIV – во време на глобални тензии, но и со надеж за дијалог и мир.