Претседателот Радев ќе учествува на Самитот на Иницијативата „Три мориња“ во Варшава
Бугарскиот претседател Румен Радев ќе престојува во Варшава на 28 и 29 април, на покана на неговиот полски колега Анджеј Дуда, за да учествува на 10. Самит на Иницијативата „Три мориња“, соопшти кабинетот на бугарскиот претседател.
Во рамките на посетата, утре Радев ќе ја посети Националната библиотека на Полска, каде што се чува дел од оригиналот на Супрасалскиот (Ретков) зборник – единствениот зачуван старобугарски ракопис од Преславската книжевна школа, кој датира од Златниот век на Бугарија. Овој ракопис е вклучен и во Регистарот на светското писмено наследство „Паметењето на светот“ на УНЕСКО. Како знак на признание за значајната улога на библиотеката во зачувувањето и промоцијата на зборникот, како и по повод 200-годишнината од неговото откривање, Радев ќе ја награди институцијата со плакет „Св. Св. Кирил и Методиј“, кој ќе го прими директорот Томаш Маковски.
На 29 април претседателот Радев ќе земе учество на Самитот на Иницијативата „Три мориња“, регионален формат кој има за цел продлабочување на соработката и унапредување на поврзаноста во енергетската, транспортната и дигиталната сфера. Иницијативата обединува 13 земји членки на ЕУ: Бугарија, Естонија, Латвија, Литванија, Полска, Чешка, Словачка, Унгарија, Словенија, Австрија, Хрватска, Романија и Грција. Украина и Молдавија се асоцирани членки, додека Германија, Европската комисија, САД и Јапонија се стратешки партнери на иницијативата.
Самитот ќе биде придружен со бизнис форум, каде што ќе се претстават и дискутираат проекти за развој на регионалната транспортна, енергетска и дигитална инфраструктура. Радев, заедно со претставници на бугарски институции и бизнис заедницата, ќе учествува во претседателскиот панел на форумот.
Во подготовка за самитот, на 23 април Радев оствари телефонски разговор со полскиот претседател Анджеј Дуда. Тие разговараа за важноста и потенцијалот на билатералната индустриска соработка, особено во областа на одбраната.