Премиерот Росен Желјазков: Папа Франциск ќе остане во срцата на луѓето со своето дело и благост
Папа Франциск ќе остане во срцата и умовите на луѓето со својот благ карактер и со своето големо дело, изјави бугарскиот премиер Росен Желјазков по завршувањето на траурната церемонија по повод неговото погребение во Ватикан. На церемонијата присуствуваа лидери од целиот свет, соопшти бугарската владина прес-служба.
Желјазков, кој заедно со бугарска делегација присуствуваше на церемонијата, нагласи дека папата Франциск беше пред сѐ извонреден човек, духовник и проповедник.
„Папа Франциск проповедаше мир, правда, еднаквост и братство меѓу луѓето. Секогаш застануваше на страната на сиромашните, онеправданите, децата и жените. Сакаше Црквата да биде блиску до народот и да зборува за реалните проблеми со кои човештвото се соочува“, рече премиерот.
Тој потсети на молитвата за мир што Папата ја одржа за време на неговата посета на Софија во 2019 година, истакнувајќи ги неговите квалитети како државник и дипломат. Желјазков нагласи и дека папа Франциск бил исклучителен пријател на Бугарија: „Неслучајно на мисата денеска беше спомнато името на Светите Кирил и Методиј, чие застапништво беше побарано за него“, додаде тој.
Своја почит кон Папата изрази и отец Иван Иванов, црковен администратор на бугарските православни заедници во Италија и Малта, кој потсети на обидите на Франциск да ги зближи религиите и да создаде заеднички јазик на разбирање и почит. Тој се присети и на почитта што Папата ја покажа кон религиозниот соживот во Бугарија за време на неговата историска посета.