Париз откри споменик за ЛГБТ жртвите на нацизмот
Во срцето на Париз, во јавните градини во близина на плоштадот Бастија, во саботата беше откриен споменик посветен на жртвите од ЛГБТ заедницата, прогонавани од нацистичкиот режим, како и на сите лица од заедницата кои биле угнетувани низ историјата.
Монументот, изработен од масивен челик во форма на ѕвезда, е дело на францускиот уметник и активист за ЛГБТ права Жан-Лик Верна. Оваа скулптура симболизира како болното сеќавање, така и отпорот и надежта.
„Историското признание значи да се каже ‘ова се случи’ и ‘не сакаме никогаш повеќе да се повтори’“, истакна градоначалничката на Париз, Ан Идалго. Таа додаде дека споменикот претставува и чин на сеќавање и борба против дискриминацијата.
Скулптурата, која потсетува на огромна волшебна ѕвезда положена на земја, има две лица. „Пред нас е темната страна, која нè присилува да се соочиме со минатото. Во одредени моменти од денот, сенката што ја фрла е долга — како потсетник на опасностите кои сè уште демнат“, објасни Верна.
Спротивната, сребрена страна на ѕвездата го одразува небото — симбол на времето што минува и на променливоста на јавното мислење. „Париското небо се менува исто толку брзо колку што се менуваат ставовите во општеството,“ додаде уметникот.
Историчарите проценуваат дека помеѓу 5.000 и 15.000 лица од ЛГБТ заедницата биле депортирани од страна на нацистичкиот режим во текот на Втората светска војна само поради својата сексуална ориентација.
Во време кога во многу земји основните човекови права на ЛГБТ лицата сè уште се доведуваат во прашање, овој споменик претставува гласен повик за самоопределување, достоинство и слобода за сите — без исклучок.