Од Бугарија до Алпите: 5 европски возни доживувања што ќе ве воодушеват
За сите љубители на патувања, незаборавни глетки и романтиката што ја носи возот, Европа претставува вистински рај. Со над 200.000 километри железнички линии што го премрежуваат континентот, секое патување со воз може да прерасне во вистинска авантура со уникатни пејзажи.
Во продолжение ви претставуваме пет живописни, помали железнички линии кои нудат спектакуларни погледи, а првата се наоѓа токму на Балканот – во Бугарија.
1. Теснолинејката Септември – Добриниште (Бугарија)
Ова е највисоката железничка линија на Балканот. Патува низ Родопите, Рила и Пирин, користејќи старински вагони и патувајќи низ убави места како Јакорида, Аврамово и Банско. Вкупната должина е 124,7 км, а највисоката станица е Аврамово – највисоката железничка станица на Балканот, лоцирана на 1.267 м надморска висина. Возот се движи покрај Чепинската река и завршува во подножјето на Пирин, во живописното Добриниште.
2. Швајцарскиот „Глечер експрес“
Наречен „најбавниот експресен воз во светот“, овој луксузен воз патува од Цермат до Санкт Мориц во текот на 7,5 часа низ срцето на Швајцарските Алпи. Маршрутата вклучува 291 мост и 91 тунел, достигнувајќи височина до 2.033 метри. Панорамските прозорци овозможуваат неверојатни погледи кон алпските села, клисури и снежни врвови.
3. Норвешката железница Флам
Возот Флам нуди спектакуларно патување од планините до фјордот. Оваа кратка, но драматична рута од Мијрдал до Флам (само 20 км) е вистинска атракција, завршувајќи кај светски познатиот Аурландсфиорд, дел од светското наследство на УНЕСКО. Возот минува низ 20 тунели, а патниците имаат можност да застанат покрај водопадот Кјосфосен – еден од најфасцинантните природни спектакли во Норвешка.
4. West Highland линијата – Шкотска
За оние кои копнеат по дивина и мистерија, оваа линија нуди неверојатен доживувај. Патува од Глазгов до Малеиг, низ зелените шуми и магловитите планини на шкотските Висорамнини. Возот минува и преку познатиот Гленфанан вијадукт – препознатлив од филмовите за Хари Потер.
5. Cinque Terre Express – Италија
Крајбрежна романтика на италијански начин. Овој воз ги поврзува петте села на Чинкуе Тере, сместени на стрмните ридови покрај Лигурското крајбрежје. Со возови што застануваат на секои 15 минути меѓу Монтеросо и Ла Специја, патниците лесно можат да истражуваат секое од овие колоритни и шармантни места. Погледот кон морето, карпите и разнобојните куќи е апсолутна магија.
Секоја од овие железнички линии нуди различна перспектива на природната убавина, културата и историјата на Европа. Без разлика дали ќе се изгубите во Алпите со Glacier Express или ќе се восхитувате на крајбрежието на Италија, патувањето со воз не е само превоз – туку авантура сама по себе. Туристичките оператори советуваат: спакувајте го куферот, земете ја железничката мапа на Европа и дозволете му на возот да ве однесе таму каде што отсекогаш сте сонувале.