Нетанјаху: Дури и ако Хамас ги ослободи сите заложници, војната нема да запре
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел нема да ја прекине војната против Хамас, дури и доколку сите заложници бидат вратени. Тој ова го соопшти на средба со повредени резервисти од израелската армија, пренесува „Times of Israel“, повикувајќи се на соопштението на канцеларијата на премиерот.
„Ситуацијата се смени. Во наредните денови ќе влеземе во Газа со полна сила за да ја завршиме операцијата. А завршувањето значи пораз на Хамас – целосно уништување на организацијата“, изјави Нетанјаху пред резервистите во видео објавено од неговиот кабинет.
Според него, елиминацијата на Хамас и ослободувањето на сите израелски заложници се тесно поврзани и мора да одат заедно.
„Може да дојде момент кога Хамас ќе рече: ‘Чекајте – сакаме да ослободиме уште десет заложници.’ Во ред, нека ги донесат, ќе ги земеме. Но потоа – влегуваме. Нема да има ситуација во која ќе ја запреме војната“, изјави тој категорично.
Нетанјаху нагласи дека Израел може да се согласи на привремено примирје за да се обезбеди ослободување на заложници, но дека конечната цел останува – целосна победа над Хамас.
„Привремено примирје – во ред. Но ние ќе одиме до крај“, истакна тој.
Израел во моментов работи и на план за евакуација на цивилите од Газа, при што според Нетанјаху, е клучно да се најдат држави кои ќе бидат подготвени да ги прифатат тие цивили.
„Ако им дадеме излез, ви велам – повеќе од 50% ќе заминат. Според мене, далеку повеќе. Но Хамас нема да остане таму“, додаде премиерот.
Членовите на форумот „Повредени војници за победа“, кои присуствуваа на средбата, ја изразија својата поддршка за Нетанјаху и неговата стратегија за остварување на целите на војната, се вели во соопштението на канцеларијата на премиерот.
„Вие сте пример и инспирација. Со вашиот дух, ние се движиме кон целосна победа“, им порача Нетанјаху.