Косово воведе забрана за увоз на пилешко месо од Бразил поради птичји грип
Агенцијата за храна и ветеринарство на Косово донесе одлука за привремена забрана на увоз на пилешко месо и други производи од живина од Бразил, откако беше потврден случај на птичји грип на комерцијална фарма во сојузната држава Рио Гранде.
Забраната стапува во сила веднаш и претставува мерка на претпазливост со цел да се заштити јавното здравје и безбедноста на храната. Според соопштението на косовската Агенција, бразилските власти ја пријавиле појавата на вирусот на 16 мај.
„Птичјиот грип е високо заразна вирусна болест што првенствено ги погодува птиците, но во ретки случаи може да се пренесе и на луѓето. Иако досега нема докази дека вирусот се пренесува преку консумирање на живинско месо или јајца, одлуката за забрана е превентивна и ја одразува нашата посветеност на заштитата на потрошувачите,“ се наведува во соопштението.
Агенцијата истакнува дека оваа мерка е усогласена со меѓународните стандарди и е во чекор со одлуките на други земји, меѓу кои и Европската Унија и Кина, кои исто така го прекинаа увозот на бразилско пилешко по појавата на епидемијата.