Кондов: Бугарија е речиси готова со Коридорот 8, а Северна Македонија доцни со 23 километри
Според изјавата на Иван Кондов, секретар во бугарското Министерство за надворешни работи, Бугарија треба да изгради само уште два километри од железничкиот дел на Коридорот 8, додека Северна Македонија сѐ уште има за довршување 23 километри.
Кондов ова го изјави на конференција посветена на надворешната политика, одбраната и одбранбената индустрија, каде што нагласи дека Бугарија ја завршила речиси целата своја делница, освен последните два километри. Според него, останува Северна Македонија да ги исполни своите обврски за изградба на инфраструктурата, кои значително доцнат.
„Тука, според мене, гледаме силна незаинтересираност од страна на една членка на НАТО да направи нешто што е во полза на самата Алијанса“, додаде Кондов, критикувајќи го односот на Скопје кон проектот.
Последниве месеци двете земји – Бугарија и Северна Македонија – се обвинуваат меѓусебно за неисполнување на обврските поврзани со изградбата на овој важен трансевропски коридор, кој треба да го поврзе Јадранското со Црното Море, преку Албанија, Северна Македонија и Бугарија.
На 14 март, северномакедонскиот вицепремиер и министер за транспорт Александар Николоски изрази разочараност што Бугарија ги пренасочила финансиските средства предвидени за Коридорот 8 кон други инфраструктурни проекти. Тој конкретно се осврна на пренасочувањето на буџетот за модернизација на железничката линија Софија – Ѓуешево.
Паралелно, градоначалникот на Ќустендил закажа итна средба со пратениците од регионот, сообраќајните власти и општинските советници поради одлуката на бугарската влада да се повлече од реализација на два железнички проекти: Софија – Перник и Перник – Радомир, кои исто така се дел од Коридорот 8.
Од Министерството за транспорт и комуникации на Бугарија демантираа дека државата се откажала од модернизацијата на бугарскиот дел од коридорот, и истакнаа дека железничката линија Радомир – Ѓуешево е функционална. По завршувањето на преостанатите 2,5 км од Ѓуешево до граничниот премин Деве Баир, ќе биде можно преку трансграничен тунел да се поврзе со железничката мрежа на Северна Македонија.