Командантот на Бугарската морнарица: Војната е многу блиску до нас, секојдневно го чувствуваме она што се случува во Украина
Военоморските сили на Бугарија сè повеќе ја чувствуваат војната во Украина, која остави трагични последици не само на бојното поле, туку и во водите на Црното Море. Командантот на Военоморските сили на Бугарија, контраадмирал Кирил Михајлов, во интервју за bTV изјави дека „воената закана е сè поблиску“, и дека нивното секојдневие е обележано со последици од конфликтот.
„Чести гости ни се пловечки мини, остатоци од ракети и други остатоци од војната, кои постојано нè потсетуваат дека многу блиску до нас умираат луѓе, се водат борби. Тоа за што ние се подготвуваме, е вистинско“, рече Михајлов.
Воената парада по повод 6 мај во центарот на Софија импресионираше многумина, а меѓу војниците кои маршираа беа и припадниците на Военоморските сили. „Празникот е момент кога се претставуваме пред јавноста. Тие нè гледаат во блескавите униформи, а за нив се појавува една поинаква армија, поинаков војник. Но, нашите борбени униформи се сосема различни“, истакна Михајлов.
Прославата на морнарите започна во Варна и Бургас со свечено кревање на морнарските знамиња во 9 часот.
Контраадмиралот нагласи дека подготовката на Военоморските сили станува секојдневна операција, чија цел е заштита на морските простори и обезбедување на безбедноста за сите што пловат во тие води. „Долгот на Военоморските сили е да обезбедиме безбедно море“, рече тој.
Тој истакна дека гордоста на морнарицата се луѓето — мажите и жените во морнарски униформи. „Без нив, каква и техника да набавиме, таа останува мртво железо. Кај нас веќе навлегуваат нови технологии. Работиме со далечински управувани подводни апарати и автономни подводни возила кои можат да ги истражат морските длабочини, да откриваат мини и да извршуваат хидрографски и картографски истражувања. Од тоа зависи безбедноста на пловидбата“, заврши Михајлов.