Католиците во САД бесни на Трамп за фотографија како папа: Не ни се потсмејувајте
Американскиот претседател Доналд Трамп повторно предизвика бура од реакции – овој пат кај католичката заедница – откако објави слика генерирана со вештачка интелигенција на која тој е претставен како папа.
Кардиналот Тимоти Долан, архиепископ на Њујорк, изјави за „Ројтерс“ дека ваквата објава „не е убаво“, но одби да каже дали Белата куќа треба да се извини на навредените католици. Долан беше запрашан за сликата додека беше во Рим, каде учествуваше на литургија пред почетокот на конклавата, на која кардиналите под 80 години ќе изберат наследник на папата Франциск, кој почина минатиот месец на 88-годишна возраст.
Иако Трамп не е католик и не посетува редовно црква, тој ја објави спорната фотографија на својата платформа Truth Social, а потоа Белата куќа ја сподели и на официјалниот профил на X. Сликата го прикажува Трамп седнат на украсен папски престол, облечен во бели папски одежди и митра, со сериозен израз и подигнат десен показалец.
„Не беше убаво“, рече Долан пред литургијата. На прашањето дали е навреден, додаде: „Знаете, не беше убаво“. Потоа, на италијански, објасни дека тоа е „brutta figura“ – израз кој се користи за непријатна или срамна ситуација.
Дали Трамп или Белата куќа треба да се извинат? „Кој знае?“ – рече Долан, избегнувајќи директен одговор.
Неодамна, Трамп иронично изјави дека би сакал да биде следниот папа, а дури додаде и дека Долан би бил „добар избор“. Инаку, Долан, кој стана кардинал во 2012 година, се смета за конзервативец и имаше улога на инаугурацијата на Трамп во јануари 2017 година.
Спорната слика предизвика бурни реакции на социјалните мрежи. Католичките епископи од Њујорк објавија заедничка изјава: „Нема ништо духовито или смешно во оваа слика, г. претседател. Штотуку го погребавме нашиот сакан папа Франциск, а кардиналите се подготвуваат за свечен конклав за избор на неговиот наследник. Не ни се потсмејувајте“.
Случајот стигна и до насловните страници на италијанските весници – дел ја осудија објавата како навредлива, а некои десничарски медиуми ја опишаа како невина шега.
Меѓу верниците и туристите на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан, мислењата беа поделени. „Навистина ли го објавил тоа? Малку е смешно, ама добро“, рече Марсела Пејксото од Бразил. Американецот Џон Смит од Калифорнија пак смета: „Мислам дека тој се обидува да биде забавен, ама денес луѓето тешко ја разбираат комедијата. Сите треба да се опуштиме и да се насмееме“.