19 јули 2025
• од Станча Јаќимовски
Историчарот доц. Спас Ташев во интервју за бугарскиот портал News.bg даде критичка анализа на актуелната политичка состојба во Северна Македонија и нејзиниот пат кон Европската Унија. Според него, властите во Скопје испраќаат пораки за европска интеграција, но во практика дејствуваат спротивно – „даваат десен мигач, но секогаш свртуваат лево“.
Доц. Ташев коментираше дека за Северна Македонија постојат два сценарија: или ќе започне преговори со ЕУ без суштински реформи, што е невозможно, или ќе се реформира, но тогаш би изгубила политичка поддршка внатре. „Нема отворена врата за преговори без реформи, но властите не смеат тоа јавно да го признаат пред граѓаните“, истакна тој.
Во таа насока, тој смета дека поддршката од Русија и Србија на актуелната власт во Скопје има за цел да ја задржи статус-кво состојбата и да го спречи приближувањето кон Европската Унија.
Одлуката на Европскиот парламент да го одобри извештајот за напредокот на Северна Македонија е резултат на компромис меѓу различни политички и национални групи. Ташев објаснува дека, и покрај тоа што формално е прифатен извештајот, од него се изоставени сите формулации за „македонски идентитет“, „македонски јазик“ и „македонска држава“. Според него, тоа е знак дека ЕУ не сака да навлегува во прашања кои не се предмет на меѓународно признавање.
И покрај симпатиите кои некои европски политичари ги имаат кон Скопје, доц. Ташев истакнува дека сите пораки од Брисел се јасни: нема можност за отворање преговори без уставни измени и почитување на европската рамка. „Не постои европско послание кое ги охрабрува македонските власти да останат без промени“, вели тој.
Доц. Ташев особено го критикува однесувањето на премиерот Християн Мицкоски, кој во јавни настапи го навредил бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев, нарекувајќи го „мишка“, како и европратеници, кои ги споредил со „талибани“. „Такво однесување не е забележано од ниту една друга земја кандидатка кон европски лидери“, истакнува Ташев, оценувајќи го политичкото ниво во Скопје како многу ниско.
Според историчарот, без разлика која партија ќе ја води државата, политиката кон Бугарија останува иста. Тој ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ги нарекува „две страни на истиот медал, излеан во Белград“, потсетувајќи на антиевропските потези на поранешните премиери Заев и Ковачевски.
На крај, доц. Спас Ташев оценува дека моментално Европската Унија ги има затворено вратите за Северна Македонија. „Пред Християн Мицкоски нема европска иднина“, дециден е тој.
Ова интервју фрла светло врз комплексната геополитичка и внатрешна динамика на земјата, покажувајќи дека патот кон ЕУ не е само декларативна определба, туку бара реални и храбри реформи.
ВЛЕН: Ќе бидеме глас на еднаквоста за сите институции на албанското наследство