Германија и САД ќе започнат производство на ракети за Patriot и HIMARS во Европа
Германската одбранбена компанија Rheinmetall и американскиот гигант Lockheed Martin формираат заедничко претпријатие за производство на ракети од типот ATACMS, GMLRS, Hellfire, JAGM и PAC-3, наменети за системите HIMARS и Patriot.
Според специјализираниот извор Hartpunkt, новиот производствен капацитет ќе биде сместен во Европа, со цел да се намали зависноста од САД и да се забрза испораката на муниција и ракети. Планот е значително зголемување на европските капацитети за производство на проектили и противвоздушна одбрана, во светло на актуелната безбедносна ситуација.
Извршниот директор на Rheinmetall, Армин Папергер, истакна дека побарувачката за ракети во Европа расте, а американскиот производствен капацитет не е доволен да одговори на неа. „Понекогаш се чека и до десет години за ракети од Америка – тоа е предолго“, предупреди Папергер.
Тој објасни дека Rheinmetall ќе поседува 60% од новото заедничко претпријатие, кое ќе има капацитет за производство на до 10.000 ракети годишно. Почетокот на производството се очекува во периодот 2026-2027 година.
Особен акцент ќе биде ставен на производство на ракети со голем дострел, од кои во моментов имаат најголема потреба Украина и европските држави. Новата иницијатива сè уште чека одобрение од владите на САД и Германија.
Ова претставува значаен чекор во јакнењето на европската одбранбена индустрија и обезбедувањето на постабилен синџир на снабдување со стратешки муниции.