10 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Русија нема намера да изврши воен напад врз ниту една земја членка на НАТО во текот на оваа или следната година, но забрзано работи на обновување на своите воени капацитети, во време кога Европа интензивно инвестира во сопственото превооружување. Ова се наведува во најновиот годишен извештај на естонската служба за надворешно разузнавање.
Естонија, како земја членка на НАТО што директно граничи со Русија, важи за еден од најгласните критичари на Москва и е силен поддржувач на Украина.
Според директорот на естонската разузнавачка служба, Каупо Росин, Европа мора сериозно да инвестира во одбраната и внатрешната безбедност, со цел во иднина Русија да процени дека нема реални шанси во евентуален судир со земјите од НАТО.
„Гледаме дека руското раководство е длабоко вознемирено од европското превооружување. Тие се свесни дека Европа би можела да биде способна за самостојни воени операции против Русија во рок од две до три години“, истакна Росин, додавајќи дека сегашната стратегија на Москва е насочена кон „забавување и попречување“ на овој процес.
Во извештајот се предупредува дека руското производство на муниција се проширува со таква брзина што ѝ овозможува на земјата да создава залихи за идни војни, додека истовремено продолжува со борбите во Украина.
Естонското разузнавање наведува и дека евентуален руски напад врз Естонија би вклучувал координирани напади со дронови по копно, воздух и море, истовремено низ целата територија на државата.
Во однос на глобалната политика, се посочува дека Кремљ и понатаму ги смета Соединетите Американски Држави за свој главен геополитички противник, иако јавно демонстрира подготвеност за соработка со цел да обезбеди укинување на американските санкции.
Според извештајот, оваа привидна промена произлегува од амбицијата на Москва да ја искористи новата американска администрација за обнова на билатералните односи и за постигнување договор што би го формализирал поразот на Украина. Сепак, се нагласува дека стратешките цели на Русија остануваат непроменети – маргинализирање на САД и НАТО и редизајн на европската безбедносна архитектура според визијата на Кремљ.
Дополнително, извештајот укажува дека Кина ја гледа Русија како корисен сојузник во напорите за слабеење на западното влијание, како и како клучен енергетски извор во случај на конфликт околу Тајван што би довел до санкции или поморска блокада. Двете земји, исто така, соработуваат во истражувања поврзани со воени технологии.
„Секое отстапување направено кон Русија всушност би ги поттикнало и глобалните амбиции на Кина“, се предупредува на крајот од извештајот.
Филипче: СДСМ повторно го поднесува законот, 600 евра минимална плата сега
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

