28 февруари 2026
• од Гоце Кически
Американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека вооружените сили на САД започнале „масовна борбена операција“ против Иран, насочена кон, како што изјави, „отстранување на непосредните закани што произлегуваат од иранскиот режим“. Операцијата, според Пентагон, го носи кодното име „Епичен гнев“.
Неколку часа по објавата, експлозии одекнаа во Техеран и во повеќе други ирански градови, додека иранските медиуми јавија за ракетни удари врз северен Израел.
Во видео-обраќање споделено на социјалните мрежи, Трамп изјави дека САД нема да дозволат Иран да развие нуклеарно оружје и најави уништување на иранската ракетна индустрија и воена морнарица. Тој тврдеше дека Техеран се обидел да ја обнови својата нуклеарна програма по претходните удари во јуни.
„Часот на вашата слобода е близу“, им порача Трамп на иранските граѓани, повикувајќи ги „да ја преземат контролата врз својата држава“ по завршувањето на операцијата.
Американски и светски медиуми, меѓу кои и The New York Times, претходно објавија дека нападите се изведуваат од воздух и од море.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека операцијата е координирана со САД и има за цел да создаде услови „иранскиот народ да ја преземе својата судбина во свои раце“. Тој ја опиша акцијата како превентивна мерка против заканите од нуклеарната и балистичката програма на Иран.
Според извештаи на Reuters и Associated Press, експлозии биле регистрирани во северните и источните делови на Техеран, како и во градовите Исфахан, Караџ, Ком, Керманшах и Табриз. Иранското Министерство за одбрана соопшти дека болниците се во состојба на готовност и дека податоците за жртвите ќе бидат објавени дополнително.
Кратко по американските напади, иранските Револуционерни гарди објавија дека лансирале прв бран дронови и балистички ракети кон Израел. Експлозии беа слушнати во северниот дел на земјата и во Ерусалим, а израелските власти ги повикаа граѓаните да се засолнат во бомбо-засолништа.
Американската амбасада во Ерусалим им нареди на своите службеници и нивните семејства да останат во засолништа до понатамошно известување. Слични мерки беа преземени и во американските дипломатски мисии во Катар и Бахреин, додека дел од персоналот бил евакуиран од воздухопловната база „Ал Удеид“.
Ескалацијата доаѓа само неколку месеци по обновувањето на индиректните преговори меѓу САД и Иран со посредство на Оман. Оманскиот министер за надворешни работи претходно изјави дека е постигнат „значителен пробив“ околу ограничувањето на збогатувањето ураниум.
Иран, пак, предупреди дека ќе се брани од секој напад и најави можни акции против американски бази во регионот доколку операцијата продолжи.
Западните сили тврдат дека иранската балистичка програма ја загрозува регионалната стабилност и може да послужи како носител на нуклеарно оружје. Техеран ги отфрла обвинувањата дека има намера да развие атомска бомба.
Ситуацијата останува крајно неизвесна, додека меѓународната заедница повикува на воздржаност и итно враќање кон дипломатијата
Израелската армија соопшти за најголемата воздушна операција во својата историја
Силна поддршка од Трамп до народот на Иран: Америка стои зад вас со огромна сила
Останува во сила забраната за пиење вода во Струга, заматеноста е намалена
Бугарската банка за развој се приклучи кон новата иницијатива на ЕК „EastInvest“
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

