Екатерина Захариева именувана за европски комесар за стартапи и иновации
Европскиот парламент денес гласа позитивно за изборот на Екатерина Захариева од Бугарија за европски комесар за стартапи, истражување и иновации во втората комисија на Урсула фон дер Лајен, чиј мандат ќе трае до 2029 година.
Номинацијата на Захариева беше поддржана од седум од осум координатори на политички групи од Комитетот за индустрија, истражување и енергија на ЕП, по нејзиното сослушување во европскиот парламент. Единствено крајната левица не ја поддржа нејзината кандидатура. Веста ја објави бугарската новинска агенција БТА, а ја потврди европратеничката од Бугариjа Ева Мајдел (Европска народна партија), која е член на комитетот.
„Мило ми е што можам да објавам дека г-ѓа Захариева доби силна поддршка од главните координатори на комитетот и од основните политички групи,“ изјави Мајдел. Според неа, координаторите биле многу импресионирани од настапот на Захариева за време на сослушувањето.
„Дури и партијата на левицата, која не ја поддржа номинацијата од политички причини, изрази почитување кон одговорите кои ги даде за време на денешното сослушување. Всушност, тие досега не поддржаа ниту еден кандидат, што покажува дека оваа одлука не е поврзана директно со кандидатурата на Захариева,“ додаде бугарската европратеничка Мајдел.
Мајдел истакна дека и останатите координатори и европратениците кои поставуваа прашања беа импресионирани од конкретноста и деталноста на одговорите на Захариева.
„Таа покажа дека има длабоко разбирање на големата слика и предизвиците со кои се соочува Европа, затоа што даде многу конкретни одговори на некои геополитички теми и прашања,“ изјави Мајдел.