05 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Од 10 април 2026 година, патниците од земји надвор од Европската Унија кои ќе ги поминуваат надворешните граници на 29 европски држави ќе се соочат со целосно нова гранична процедура. Наместо досегашното рачно печатирање на пасошите, ќе се воведе EES-системот (Entry/Exit System) – дигитален систем за евиденција на влез и излез што користи биометриски податоци.
Целта на EES е да овозможи поефикасна контрола на престојот на странските државјани, навремено откривање на пречекорување на дозволениот престој, како и значително намалување на злоупотребите со идентитет и патни документи.
EES е автоматизиран систем кој при секое преминување на граница ќе ги регистрира податоците од патната исправа, отпечатоците од прсти, фотографијата на лицето, како и датумот и местото на влез или излез. Системот ќе ги евидентира и случаите на одбиен влез, со што ќе се создава јасна и проверлива трага за движењето на патниците во рамките на правилата за краток престој.
За граѓаните на Северна Македонија и другите земји надвор од ЕУ, најзабележливата промена ќе биде првиот контакт со новите гранични процедури. Наместо печат во пасошот, патниците ќе поминуваат низ регистрација во EES-системот.
На одредени гранични премини таа регистрација ќе се врши преку самопослужни терминали, а на други директно на шалтер, во зависност од техничката подготвеност на преминот. Првото внесување на биометриските податоци може да потрае подолго, особено во периоди со зголемен сообраќај, но следните преминувања ќе бидат побрзи бидејќи системот веќе ќе ја има потребната евиденција.
Од Европската комисија појаснуваат дека за EES не се аплицира однапред – регистрацијата се врши директно на граница. Сепак, како олеснување за патниците, постои можност за доброволна предрегистрација преку мобилната апликација „Travel to Europe“, и тоа до 72 часа пред влез или излез. И покрај тоа, конечната проверка секогаш ќе ја вршат граничните служби.
Важно е да се направи јасна разлика меѓу EES и ETIAS.
EES е систем за евиденција на влезови, излези и престој, додека ETIAS ќе претставува посебен режим за патна авторизација и ќе започне со примена подоцна.
За пролетта 2026 година, клучната промена за патниците е токму целосната имплементација на EES и новата рутина на европските гранични премини, која означува крај на печатите во пасошите и почеток на дигиталната гранична контрола.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

