Бугарското МНР со порака до Москва: Ќе го браниме суверенитетот и демократијата!
Министерството за надворешни работи на Бугарија излезе со официјална реакција на обвинувањата што ги изнесе рускиот претседател Владимир Путин во документарниот филм „Русија. Кремљ. Путин. 25 години“.
Во реакцијата, бугарското МНР наведува дека обидите на Руската Федерација да ја префрли вината за започнувањето на, како што ја нарекуваат, „нелегалната и непредизвикана војна во Украина“ врз други држави, вклучително и Бугарија, се целосно неприфатливи и претставуваат груба манипулација со фактите.
„Приклучувањето на Република Бугарија кон НАТО е суверена одлука, заснована на волјата на бугарските граѓани и на легитимни демократски процеси. Таа одлука произлегува од стремежот на Бугарија за трајна безбедност, стабилност и мир во регионален контекст. Јакнењето на одбранбените капацитети на земјите членки е насочено кон заштита на територијата на сојузот, не претставува закана за ниту една друга држава и е во целосна согласност со меѓународното право“, стои во соопштението на бугарското МНР.
Од Министерството додаваат дека Бугарија останува цврсто посветена на своите обврски како членка на НАТО и на принципите на Европската унија. Тие порачуваат дека ќе продолжат да го бранат својот суверенитет, безбедност и демократски избор, како и да работат на зајакнување на меѓународниот поредок заснован на правила.
Оваа реакција доаѓа во момент на засилени тензии меѓу Западот и Русија, во контекст на војната во Украина, каде што Бугарија и другите земји членки на НАТО се меѓу најгласните поддржувачи на Киев.