16 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Бугарските иселеници во странство минатата година испратиле вкупно 1,407 милијарди евра на своите семејства во Бугарија. Сепак, оваа сума е за 11,7 милиони евра помала во споредба со претходната година, покажуваат податоците на Бугарската народна банка.
Најголем дел од паричните трансфери доаѓаат од Обединетото Кралство и САД, додека значително намалување е забележано кај средствата испратени од Германија и Шпанија.
Во многу бугарски градови и населби, особено помалите, семејните буџети во голема мера зависат од парите што ги испраќаат роднините од странство. Во градот Мартен, на пример, многу домаќинства со години се потпираат токму на ваквите приходи.
Јордан Јорданов, кој работи како заварувач во бродоградилиште во Франција, вели дека и покрај намалените приходи поради инфлацијата, редовно испраќа пари дома.
„За поголеми ремонти треба да се собере поголема сума, бидејќи градежништвото во Бугарија е многу скапо – материјали, мајстори. Парите што ги праќам најчесто одат за храна, сметки и семејни настани“, вели тој.
Слична приказна има и Светозар Стојанов, возач на камион кој работи во странство. Тој секој месец им помага на своите родители во Бугарија.
„Тие се постари луѓе и им треба помош – за здравје, за храна. Мораме да си помагаме. Бугарија ни недостига“, вели Стојанов.
Сепак, дел од заработените пари остануваат во странство. Причината е што многу Бугари таму основале семејства и постепено го префрлаат животот во земјите каде што работат.
„Многумина почнуваат да купуваат недвижности таму. Тоа е една од причините зошто паричните трансфери кон Бугарија се намалуваат“, додава Јорданов.
За многу семејства разделбата е тежок товар. Цвета Христова вели дека своите ќерки не ги видела три години. Едната живее во Германија, а другата во Јапонија.
„Се слушаме, но многу ми недостигаат. Понекогаш праќаат храна и облека, но велат дека животот во Бугарија станал поскап отколку во Германија и Јапонија“, раскажува таа.
Според економистите, ваквите парични трансфери ќе продолжат да бидат еден од најстабилните финансиски приливи во бугарската економија, и покрај глобалните кризи.
Економистот Петар Пенчев од Русенскиот универзитет објаснува дека инфлацијата значително ја намалила реалната вредност на парите.
„Ако едно семејство во Бугарија добивало 200 или 300 евра месечно од странство, таа сума номинално останала иста, но куповната моќ се намалила за околу 24 проценти“, вели Пенчев.
Според податоците, миграциските движења последниве години покажуваат и враќање на дел од бугарските граѓани во татковината. Само минатата година повеќе од 9.000 Бугари се вратиле да живеат во земјата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

