Бугарскиот министер Георгиев: Потребен е засилен притисок врз Русија заради агресијата врз Украина
Министерот за надворешни работи на Бугарија, Георг Георгиев, ја претставуваше својата земја на редовниот состанок на Советот за надворешни работи на Европската Унија, кој се одржа во Брисел, информира бугарското Министерство за надворешни работи.
На состанокот главни теми беа руската воена агресија врз Украина и состојбата на Блискиот Исток и Сирија. Работата на Советот започна со средба со украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибига. Во рамките на дискусијата, министерот Георгиев ја истакна постојаната поддршка на Бугарија за суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Украина.
Георгиев потенцира дека е потребно засилување на дипломатскиот и економскиот притисок како одговор на агресивните дејствија на Русија.
Во однос на кризата на Блискиот Исток, бугарскиот министер посочи на потребата од враќање кон прекин на огнот и итно ослободување на заложниците. Тој изрази загриженост за влошената хуманитарна состојба во Појасот Газа.
Георгиев ја потврди поддршката за дипломатските напори на САД, Катар и другите регионални партнери за стабилизирање на ситуацијата.
Кога станува збор за Сирија, министерот ја нагласи потребата од инклузивен политички процес кој ќе ги гарантира правата на сите граѓани и заедници, при што ќе се почитува територијалниот интегритет и суверенитетот на државата.
На состанокот Советот на ЕУ го усвои 17-от пакет санкции против Русија и донесе политичка одлука за укинување на економските санкции против Сирија.