Бугарскиот европратеник Стојанов: Време е Косово да ги признае горанците како Бугари
Бугарскиот европратеник Станислав Стојанов упати повик до институциите на Косово да ги признаат горанците како дел од бугарскиот народ, осудувајќи ја досегашната пракса тие да се евидентираат како посебна етничка заедница.
Во рамки на дебата во Европскиот парламент посветена на извештаите на Европската комисија за Косово за 2023 и 2024 година, Стојанов – европратеник од партијата „Вазраждане“ и потпретседател на групата „Европа на суверените нации“ – остро ја критикуваше политиката на Приштина кон бугарското малцинство.
„Длабоко загрижувачки е што петицијата на околу 500 граѓани кои историски се самоидентификуваат како Бугари, сè уште не е разгледана од страна на косовското собрание. Ова молчење го поткопува кредибилитетот на Косово во однос на заштитата на малцинските права“, изјави Стојанов од собраниската говорница.
Тој побара јасна и недвосмислена заштита на демократските принципи и еднаквоста на националните заедници:
„За жал, голем дел од Бугарите во Косово сè уште се заведени како ‘горанци’ во уставните регистри. А ‘горанци’ се етнографска група која е неразделен дел од бугарскиот народ, а не засебна етничка заедница.“
Критика за родовите квоти во изборното законодавство
Во своето обраќање, бугарскиот европратеник Стојанов се осврна и на изборното законодавство во Косово, каде се предвидува минимум 50% застапеност на секој пол во изборните листи:
„Законот веќе обезбедува праг од најмалку 30% за секој од двата пола. Застапеноста мора да биде праведна, но да произлегува од слободната волја на граѓаните и квалитетот на кандидатите, а не исклучиво врз основа на родова припадност“, нагласи тој.
Напредок и предизвици
И покрај критиките, Стојанов го поздрави напредокот на Косово во подобрувањето на транспортната поврзаност, но апелираше за засилени напори, особено во областа на железничката инфраструктура.
Извештаите на Европската комисија за Западен Балкан опфаќаат клучни области како владеење на правото, функционирање на демократските институции, права на малцинствата, економски развој, регионална соработка и усогласување со европското право. Тие ги нотираат постигнувањата, укажуваат на предизвиците и даваат насоки за понатамошни реформи, информираат од прес-службата на партијата „Вазраждане“.