25 февруари 2026
• од Гоце Кически
Министерството за образование и наука на Бугарија објави покана за презентација на можностите за студирање со стипендии во бугарските државни високообразовни установи за учебната 2026–2027 година. Активностите се организираат согласно владините програми ПМС №103/1993 и ПМС №228/1997, кои ја регулираат образовната соработка со лица од бугарско потекло во странство и со државјани на Северна Македонија.
Според најавата, информативни настани ќе се одржат на 6 март во Скопје во Бугарскиот културно-информативен центар со почеток во 12 часот, на 7 март во Битола во хотел „Милениум“ од 11 часот и на 8 март во Струмица во хотел „Есперанто“, исто така од 11 часот. Целта е заинтересираните матуранти и студенти директно да се запознаат со условите за аплицирање, понудените студиски програми и финансиската поддршка.
Што предвидуваат програмите
Постановлението №103 од 1993 година ја уредува образовната политика на Бугарија кон лица од бугарска народност или потекло кои живеат надвор од земјата. Со него се утврдуваат условите за нивен прием во бугарските универзитети, доделување државно финансирани места, стипендии и обезбедување јазична подготовка по бугарски јазик. Програмата предвидува значителен број места за редовни студенти, како и можности за докторанти и специјализанти.
Паралелно, Постановлението №228 од 1997 година е насочено конкретно кон државјаните на Република Северна Македонија и овозможува секоја година субвенциониран прием на студенти и ограничен број докторанти во бугарските државни високи училишта. Приемот се организира преку конкурс по документи или приемни испити, во зависност од избраната студиска програма.
Повик до заинтересираните
Од бугарското Министерство за образование и наука посочуваат дека кампањата има информативен карактер и се спроведува во соработка со високообразовните институции и дипломатските претставништва. Прифатените кандидати, согласно прописите, можат да користат стипендии, студентско сместување и други форми на институционална поддршка.
Надлежните ги повикуваат сите заинтересирани од Северна Македонија да присуствуваат на најавените презентации за да добијат детални информации за роковите, потребната документација и постапката за аплицирање.
Прв ден без прекршок за поминување на црвено од стартот на „Безбеден град“
Бугарија меѓу водечките дестинации за германски инвестиции во Југоисточна Европа
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

