18 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Бугарија направи значаен чекор во модернизацијата на своите вооружени сили со официјалното претставување на првите осум борбени авиони F-16 Block 70. Церемонијата се одржа во Третата воздухопловна база во Граф Игнатиево, во близина на Пловдив, каде што авионите за првпат беа прикажани со ознаките на бугарската армија и националниот тробој.
Станува збор за повеќенаменски борбени авиони од четврта генерација, секој со должина од околу 15 метри, максимална брзина до 2.414 километри на час и плафон на лет од над 15.000 метри. Иако стануваше збор за свечен настан од висок државен и воен интерес, не беа изведени демонстративни летови.
На церемонијата претседаваа министерот за одбрана Атанас Запрјанов и началникот на одбраната, адмирал Емил Ефтимов. Присуствуваа и речиси половина од кабинетот во оставка, меѓу кои вицепремиерите Томислав Дончев и Гроздан Караџов, министрите Георги Георгиев и Даниел Митов, како и американскиот амбасадор во Бугарија, Мартин Мекдауел. Настанот беше посетен и од претставници на американската компанија производител, „Локхид Мартин“.
Во своето обраќање, министерот Запрјанов истакна дека реализацијата на првиот договор за набавка на F-16, потпишан во 2019 година, претставува клучен момент за бугарската одбрана. Според него, проектот е од стратешко значење за вооружувањето и трансформацијата на бугарските вооружени сили и е јасен израз на продлабочувањето на партнерството меѓу Софија и Вашингтон.
Тој потсети дека рамката за стратешко партнерство со САД била потпишана за време на првиот мандат на поранешниот американски претседател Доналд Трамп. „F-16 Block 70 се клучна борбена платформа за Бугарија и не е случајно што ги набавуваме од нашиот главен стратешки сојузник“, нагласи Запрјанов.
Министерот додаде дека модернизацијата на армијата продолжува и со други големи проекти, меѓу кои испораката на борбени возила „Страјкер“ на почетокот на следната година, како и претстојни преговори за систем за крајбрежна безбедност. Според него, новите авиони не значат само замена на стара техника, туку воведување на целосно нов систем за управување, обука и воено размислување.
Запрјанов ја нагласи и важноста на интероперабилноста со сојузниците во НАТО, истакнувајќи дека слични платформи веќе се користат во Турција, Грција, Романија, Полска и Словачка. Современата опрема за надзор и комуникација, според него, ќе придонесе за зајакнување на суверенитетот и безбедноста на бугарскиот воздушен и поморски простор.
Првиот договор за набавка на осум авиони F-16 Block 70, вреден 1,3 милијарди долари (околу 2,2 милијарди лева), беше одобрен од бугарскиот парламент во јули 2019 година. Пакетот вклучуваше обука на пилоти и копнени екипажи, логистика, опрема за поддршка и вооружување. Иако првичниот план предвидуваше испорака до почетокот на 2024 година, пандемијата предизвика двегодишно одложување.
Авионите се произведени во фабриката на „Локхид Мартин“ во Гринвил, Јужна Каролина, каде што паралелно се извршуваа нарачки за вкупно 128 авиони од истиот тип за пет земји. Во ноември 2022 година, Бугарија склучи и втор договор за уште осум F-16, кои треба да бидат испорачани до крајот на 2027 година, со плаќање на рати во период од десет години.
Со оваа испорака, Бугарија официјално влегува во нова фаза на модерна и НАТО-компатибилна воздушна одбрана, поставувајќи темели за долгорочно зајакнување на своите одбранбени капацитети.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

