Бугарија и Швајцарија соработка во пет клучни области
Бугарија и Швајцарија продолжуваат да ја зајакнуваат својата соработка преку нова програма која опфаќа пет важни области: образование, јавна безбедност, заштита на животната средина, иновации и социјално вклучување.
Бугарскиот премиер Росен Желјазков, на средбата со Ги Пармелен, шеф на Швајцарскиот федерален департман за економија, образование и истражувања, истакна дека Владата ќе вложи максимални напори за да ја направи оваа соработка уште поуспешна. Средбата се одржа во Софија по повод четиригодишнината од основањето на Институтот за компјутерски науки, вештачка интелигенција и технологии – INSAIT.
Желјазков ја нагласи швајцарската поддршка која се огледа преку програми за поттикнување на растот и подобрување на образованието и конкурентноста во Бугарија. Особено беше истакнато почнувањето на спроведувањето на Швајцарско-бугарската програма за соработка, која од февруари годинава располага со близу 100 милиони швајцарски франци.
Пармелен, пак, подвлече дека билатералните односи меѓу двете земји се одлични и изрази задоволство од успехот на INSAIT, оценувајќи дека неговата работа носи придобивки и за Бугарија и за Швајцарија.
Подоцна во текот на денот, Желјазков и Пармелен ќе го посетат INSAIT и ќе учествуваат на настанот по повод неговата четиригодишнина. За потсетување, Пармелен ја посети Бугарија и во 2022 година, кога имаше средба со бугарскиот претседател Румен Радев.