Бугарија ги отвора вратите за синот на Трамп, ние ги отвораме прозорците за декларации
Како што добро знаеме, Република Северна Македонија е цврсто усогласена со американската надворешна политика. Барем така нè уверува нашата владејачка елита на секој прес, на секоја седница, па и во секојдневните статуси на социјалните мрежи.
Ние сме тие што први осудуваат, први поддржуваат, први поздравуваат што и да дојде од Вашингтон. Толку сме усогласени што ако Американците утре решат да носат чизми на глава, и ние ќе бидеме први што ќе се појавиме со чизми на пленум во Собрание.
И токму во еден таков момент на нашата максимална лојалност – ете ти ја веста: синокот на Доналд Трамп, Доналд Трамп Јуниор, слетува... но не во Скопје, туку во Софија, Бугарија!
И не за приватна посета, туку на бизнис форум кој се вика ни помалку ни повеќе „Trump Business Vision 2025“, каде со светски лидери ќе зборува за технологија, финансиите и глобалниот капитал. Трамп Младиот, со целото свое светски признаено искуство во недвижности и изградба на брендови, ќе му ја раскаже визијата на светот – ама не од Маврово, туку од подножјето на Витоша.
Што добивме ние? Па, како што оди логиката, добивме чест да гледаме од страна додека Бугарија ги продлабочува економските врски со американскиот капитал. Со други зборови: тие парат, ние парадираме.
Иронијата е комплетна кога ќе се сетиме дека Бугарија, држава со која сè уште се препираме околу историја, јазик и идентитет, сега со широка насмевка ќе го пречека Трамп Јуниор, ќе слуша за големи инвестиции, а ние... ние ќе се потплакнуваме на некој форум за демократија и интеграција во иднината.
Но нема гајле – битно сме усогласени. И уште побитно – имаме комплетна поддршка... барем на хартија.