Британски пратеници бараат санкции против Вучиќ поради блискоста со Путин и состојбата во Србија
Група од 26 пратеници во британскиот Парламент побараа радикална промена на надворешната политика на Обединетото Кралство кон Србија, повикувајќи на санкции против претседателот Александар Вучиќ и неговите најблиски соработници. Повод за оваа иницијатива е присуството на Вучиќ на воената парада во Москва на 9 мај, што се толкува како сигнал за продлабочување на односите меѓу Србија и Русија.
Пратеничката Ема Левел на платформата „Х“ соопшти дека до министерот за надворешни работи испратила писмо потпишано од уште 25 нејзини колеги. Во писмото се изразува сериозна загриженост за врските меѓу Вучиќ и рускиот претседател Владимир Путин, особено имајќи предвид дека Србија е земја-кандидат за членство во Европската унија, но сè уште не се приклучила кон санкциите против Русија поради војната во Украина.
Пратениците го обвинуваат Вучиќ и за подривање на стабилноста во регионот, со конкретни обвинувања за дестабилизирачка улога на Србија во Косово и Босна и Херцеговина, како и за поддршка на ултранационалистички движења.
Дополнително, британските законодавци укажуваат на назадувањето на демократијата во Србија, вклучувајќи напади врз медиуми, политичка опозиција и граѓанското општество, како и растечката корупција која, според нив, доведе до масовни граѓански протести.
Во писмото се повикува на воведување на целни санкции против Вучиќ и неговата политичка елита, како и засилување на дипломатските напори во координација со меѓународните партнери. Британските пратеници исто така изразуваат поддршка за граѓаните и студентите кои протестираат во Србија, нагласувајќи дека тие се гласот на демократијата и надежта за подобра иднина на земјата.