13 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Првата дама на САД, Меланија Трамп, содејствувала во повторното обединување на група деца со нивните семејства во Украина и Русија, соопштија од Белата куќа. Станува збор за трет сличен случај во кој таа учествува во процес на спојување семејства разделени поради војната.
Во официјалното соопштение се наведува дека првата дама изразила благодарност до двете страни за подготвеноста да помогнат во враќањето на децата кои ги напуштиле своите домови поради конфликтот. „Ценам што и Русија и Украина сакаат да ги вратат децата кои ги напуштија своите домови поради околностите поврзани со конфликтот“, се наведува во изјавата на Меланија Трамп, цитирана од Белата куќа.
Од руска страна, комесарката за правата на детето Марија Лвова-Белова објави на својот канал на Телеграм дека со посредство на првата дама пет деца ќе бидат повторно обединети со своите семејства во Украина, додека едно дете ќе се врати во Русија.
Според нејзините информации, четири момчиња и едно девојче на возраст од 4 до 15 години ќе бидат вратени кај своите најблиски во Украина. Три од децата претходно живееле во институција и ќе се соединат со своите мајки. За преостанатите два случаи се појаснува дека едното дете живеело со својот дедо и по неговата смрт побарало да се пресели кај мајка си во Украина, додека другото, по смртта на мајката, живеело со баба и дедо и изразило желба да се пресели кај свој вујко во Украина. Не се наведуваат детали за институцијата во која биле сместени дел од децата, ниту околностите под кои таму престојувале.
До моментот, украинските власти немаат официјален коментар за случајот.
Прашањето за изведувањето на деца од окупираните територии останува едно од најчувствителните во контекст на војната. Според податоците на украинската платформа „Деца на војната“, околу 20.000 деца биле незаконски префрлени или депортирани. Според информации од Киев, до есента минатата година речиси 1.500 од нив биле вратени со помош на роднини, волонтери и организации за заштита на човековите права.
Во 2023 година, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на рускиот претседател Владимир Путин и на Марија Лвова-Белова под сомнение за незаконска депортација на украински деца. Москва ги отфрла овие обвиненија.
Бугарското собрание го ратификуваше Договорот за железничкиот тунел на Коридор 8
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

