05 април 2026
• од Станча Јаќимовски
Македонската спортска јавност денеска беше затекната од веста дека ЖФК Љуботен става крај на еден од најуспешните проекти во домашниот женски фудбал. Клубот преку емотивно соопштение објави дека актуелниот циклус завршува, оставајќи зад себе значајно наследство, но и бројни прашања за иднината.
Од таборот на тетовскиот клуб посочуваат дека причините за ваквата одлука лежат во, како што велат, „неспортски случувања“ и одлуки на Фудбалска федерација на Македонија кои, според нив, не овозможуваат фер услови за развој и напредок.
„Крај на една ера! Денес беше последниот натпревар за многу играчи во ЖФК Љуботен, последен со интернационалки, последен по многу нешта“, стои во дел од соопштението, со кое практично се најавува распад на актуелниот тим или негов целосен рестарт.
Клубот нагласува дека последните случувања на терените, како и институционалните одлуки, испраќаат јасна порака дека системот не препознава и не поддржува успешни спортски приказни.
„Изгубија сите – изгуби Тетово, изгуби репрезентацијата со оглед на тоа што имаме десет репрезентативки, изгуби фудбалот. Згаснува бренд по кој е познат женскиот фудбал во регионот и пошироко“, додаваат од клубот.
Во продолжение од објавата, Љуботен се заблагодарува на сите фудбалерки кои го носеле дресот во изминатите шест години, период во кој клубот освои вкупно седум трофеи и се етаблираше како еден од носителите на женскиот фудбал во земјава.
Посебно признание добија капитенките Маги и Танди, како и голем број домашни фудбалерки од Тетово, кои биле дел од темелите на проектот. Клубот исто така истакна дека низ нивните редови продефилирале повеќе од 50 интернационалки од различни делови на светот – од Бразил и Нигерија, до Русија и Црна Гора.
На крајот, од Љуботен изразија благодарност до сите кои ја поддржувале нивната работа, меѓу кои и локалната самоуправа, бизнис-заедницата и институциите, вклучително и градоначалникот Јовица Илиевски и министерот за спорт Борко Ристовски.
Со оваа одлука, македонскиот женски фудбал останува без еден од своите најпрепознатливи брендови, а останува да се види дали ова значи целосно згаснување или нов почеток за клубот од Тетово.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

