23 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Свечено беше отворена најмодерната писта за моторни спортови во Источна Европа – „А1 Motor Park“, која воедно претставува и најголем ваков комплекс на Балканскиот Полуостров. Пистата се наоѓа во близина на градот Самоков и селото Доспеј и веќе се позиционира како нов центар за автомобилски и мотоциклистички спортови во регионот.
Настанот собра десетици претставници од моторспортот, бизнис-заедницата и јавниот живот, како и инвеститорите од компанијата „Главболгарстрой“. Меѓу официјалните гости беа и министерот за млади и спорт Димитар Илиев и неговата заменичка Даниела Дашева.
Програмата ја водеа познатите телевизиски лица Иван Христов и Андрей Арнаудов, а отворањето започна со впечатлив настап на 101 каба гајда – симболичен момент кој ја нагласи националната гордост поврзана со проектот.
Претседателот на Управниот одбор на „Главболгарстрой Холдинг“, Калин Пешов, истакна дека првичната идеја била многу поскромна – мала писта со ограничени капацитети. Сепак, со текот на времето проектот се развил во комплекс со должина од четири километри, кој денес претставува врвно инженерско достигнување.
Тој им се заблагодари на сите учесници во реализацијата и нагласи дека објектот е отворен за сите љубители на адреналин и моторни спортови.
Димитар Цоцорков, претседател на Надзорниот одбор на „Асарел-Медет“, истакна дека проектот претставува извор на гордост и симболизира стремеж кон врвни резултати и општествена одговорност.
Според него, „А1 Motor Park“ покажува дека Бугарија има капацитет да реализира проекти од светски ранг и да се позиционира на глобалната сцена.
Зара Кизирјан, извршен директор на „ГБС Енерџи Сolutions“, нагласи дека комплексот нуди безбедна и професионална средина и за аматери и за професионалци.
Пистата има должина од 4 километри, ширина од 12 метри на правците и 15 метри во свиоците, додека капацитетот за публика се движи од 25.000 до 30.000 посетители. Импресивен е и фактот што изградбата била реализирана за само неколку месеци.
Градоначалникот на Самоков, Ангел Џоргов, истакна дека градот веќе е добро познат на спортската мапа, но со овој проект дополнително се зацврстува неговата позиција како значаен спортски центар во Европа.
Тој ја нагласи важноста на инвестицијата како додадена вредност за локалната заедница.
Првиот што возеше на новата писта беше најдобриот бугарски автомобилски пилот Никола Цолов, кој предизвика голем интерес кај публиката. Настанот продолжи со автомобилски трки, дрифт и стант-шоуа, создавајќи вистинска спортска атмосфера.
Иако пристапот на отворањето беше ограничен со покани, интересот беше огромен – околу Самоков се создадоа километарски колони возила. Организаторите најавија денови на отворени врати веќе следната недела, кога пистата ќе биде достапна за пошироката јавност.
Со отворањето на „А1 Motor Park“, Бугарија добива современ спортски објект од европски и светски ранг, кој има потенцијал да привлече меѓународни натпревари, туристи и инвестиции, и да го зацврсти статусот на регионот како важна дестинација за моторни спортови.
ДУИ: Албанците се изоставени од унапредувањата, институциите да дадат одговори
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

