Вардарски од Богданци ги загуби шансите за директен опстанок во Втора лига
Со одигрувањето на 25. коло во Втората македонска фудбалска лига, Вардарски од Богданци официјално ги загуби шансите за директен опстанок, и пет кола пред крајот веќе се најде во безизлезна ситуација. Екипата беше поразена со 0:2 на гостински терен од лидерот Башкими од Куманово, кој уште еднаш ја потврди својата сила оваа сезона.
По овој пораз, Вардарски остана закован на последното место со само 11 освоени бодови, и речиси е сигурен патник во понизок ранг. Истовремено, друг албански клуб кој се бори за промоција – Арсими – запиша минимална победа од 1:0 над Кожуф од Гевгелија, и со тоа го зачува третото место на табелата со 54 бодови.
Македонија Ѓорче Петров ја совлада Детонит Плачковица со 1:0 и остана на втората позиција со ист број бодови како Башкими, што ја најавува голема битка за директна промоција во Прва лига. Брегалница од Штип, пак, славеше победа на гостувањето кај Борец во Велес и остана четврта со 51 бод – само три зад Арсими и позицијата што води во бараж.
Во долниот дел од табелата, Борец остана претпоследен со 13 бодови и минимални шанси за спас. Осогово од Кочани одигра 2:2 на гостувањето кај ФК Охрид, и со тоа остана на 14. место со 19 бодови, осум зад ФК Неготино, кој ја држи последната безбедна позиција. Со тоа, Осогово најверојатно ќе мора да игра бараж за опстанок.
Во другите натпревари, Победа од Прилеп направи важен чекор кон обезбедување опстанок со победа од 1:0 над Саса од Македонска Каменица. За гостите од Каменица, ова беше шести пораз во низа, со што остануваат во средината на табелата со 32 бодови. Новаци славеше против Неготино со 2:0, додека Беласица од Струмица беше подобра од ФК Скопје со 1:0.
Следните кола најавуваат драматичен финиш, и во борбата за промоција, и во борбата за опстанок.