26 јули 2025
• од Станча Јаќимовски
Европската фудбалска федерација (УЕФА) изрече казна од вкупно 30.000 евра за македонскиот фудбалски клуб Вардар, поради серија инциденти што се случија за време на натпреварот од квалификациите за европските купови против тимот Ла Фиорита од Сан Марино.
Според официјалните информации, УЕФА пресуди дека клубот треба да плати 20.000 евра поради употреба на пиротехнички средства и петарди од страна на навивачите. Овие предмети биле фрлани од Западната трибина кон теренот, што претставува сериозно кршење на безбедносните протоколи и дисциплинските правила на европската фудбалска организација.
Дополнителна казна од 10.000 евра беше изречена поради истакнување на политичка порака од страна на навивачката група „Комити“. Тие на трибините развиле транспарент упатен кон Европскиот парламент, во контекст на дебатата за македонскиот идентитет и јазик. Делегатот на УЕФА на натпреварот ја забележал оваа порака, што претставува прекршување на правилата на УЕФА кои строго забрануваат политички пораки на спортски настани.
Оваа казна претставува сериозен удар за клубот, кој веќе се соочува со финансиски и организациски предизвици. Вардар, како најтрофејниот клуб во македонската историја, ќе мора да внимава на однесувањето на своите навивачи на меѓународната сцена, со цел да избегне дополнителни санкции во иднина.
Срамни услови во Скопје – Жестока критика од Италијанската теквондо федерација